На денешен ден се навршуваат 105 години од раѓањето на Димитар Богоевски – Мите, народниот херој на македонскиот народ, поет и револуционер. Во статијата со наслов „Никогаш да не ја заборавиме саможртвата на македонските херои!“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 12.9.2023 година, пишува: Во националното македонско паметење засекогаш е врежано сеќавањето за илјадниците херои, кои ги дадоа животите за македонската слобода и независност што денес ги имаме. Современата македонска држава е творба на неколку генерации од илинденскиот период и антифашистичката борба, а херојската саможртва е симбол на македонската борба за слобода и независност. Меѓу знајните и незнајните македонски херои што се жртвуваа за македонските национални интереси особено место заземаат имињата на Димитар Богоевски–Мите и Стефан Наумов-Стив, кои ги положија своите млади животи во борбата против бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна. Засекогаш на страниците на македонската историја ќе биде запаметено дека на 12 септември 1942 година Стив Наумов и Мите Богоевски кај селото Болно, Ресенско во борба против бугарската војска и полиција се самоубиваат, како чин на непокор. Двајцата Македонци не се предале и се бореле до последниот куршум. Откако ја потрошиле сета муниција, ја активирале бомбата, што им останала и загинале. Стив Наумов на неполни 22 години и Мите Богоевски на 23 години ја положија својата младост за слободата и независноста на македонскиот народ и неговата државност.
Во статијата со наслов „Димитар Богоевски – Мите“, објавена на 13.6.2012 година на информативниот портал „Македонска нација“, се истакнува: Димитар Богоевски е роден на 31 октомври, 1919 година во селото Болно, Ресенско, во печалбарско семејство. Во текот на своето образование се истакнувал со талентот за цртање, резбарство, како и со својата поезија. Како поет тој за првпат се пројавува во 1935 година во прогимназијата во Ресен, со песните „Осамотен патник“, „Несреќен Илија“, „Покрај река“, „Мало коњче“ и „Два врапци“. Познат како „Момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за Македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“. Конечно се насочил кон пишување на македонски јазик и во 1938 година веќе имал напишани педесетина песни, меѓу кои и познатата „Спроти Илинден“.
Во 1940 година Мите Богоевски во родното село станал член на МК на КП на Ресен. По провалата на српската полиција Мите Богоевски бил уапсен на 16 април 1940 година во Битола. Поради револуционерна активност во Белград бил осуден на робија во затворот Ада Циганлија. Во затворот Мите бил подложен на сурова тортура, но поради недостаток на докази бил ослободен кон крајот на 1940 година. По фашистичката окупација на Југославија и поделбата на Македонија на бугарска и италијанска окупациона зона во 1941 година Мите Богоевски бил еден од организаторите на оруженото востание во Преспанскиот крај.
На почетокот на 1942 година, Мите Богоевски, како секретар на Околискиот комитет на КПЈ, најчесто соработувал со Стив Наумов од битолскиот крај. Во пролетта 1942 година, Мите Богоевски ја напишал песната „Партизанка“, која и заедно со песната „Спроти Илинден“ ги размножил на машина. Подоцна „Партизанка“ станала една од најпопуларните народни песни во Преспанско. Мите учествувал во формирањето на партизанскиот одред „Даме Груев“на 6 јули 1942 година. Во 1942 година, додека окупаторските власти се подготвувале за уште еден фалсификат на Илинден, македонските борци од Битолско-преспанскиот одред, кој го носел името на легендарниот илинденски водач Даме Груев, во утринските часови итале кон Смилево. Пред влегувањето на одредот во Смилево, полицискиот апарат на окупаторската власт на чело со нивниот министер избегале од селото, а народот дошол да ги види новите Илинденци. Смилевчани, старите Илинденци со солзи радосници во очите по 39 години за првпат во слобода го прославиле Илинден со своите македонски синови, со својата македонска војска.
Инспириран од овој настан Мите во својата песна „Триесет и девет минаја“ ќе напише: „ …На стари еден војвода, / На Илинденски комита, / Лоша го старост наведе, / Црни го мисли испиле. / Лута го тага изела, / За таа пуста слобода. / Но, што му очи светнаја, / Што му се лице разведри? / Кога си виде внуците, / Во нова рува комитска, / Со танка пушка на рака, / Со срце машко во гради, / Силна го надеж утеши. / Радост го в старост окрепи, / Срце на младост затупка. / Осуна славен Илинден, / Во светла, бела промена, / Над славно село Смилево… / .. Дамјан се исправи пред ними. / В очи им искрит слобода.“
Димитар Богоевски – Мите напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен. Постои сомнеж дека по неговото самоубиство, околу педесеттина македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“, „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“, „Разделвачка“ и др.
Во една акција на бугарската војска и полиција за уништување на одредот „Даме Груев“, борците успеале да се пробијат, но Мите Богоевски останал опколен со соборецот, народниот херој Стефан Наумов-Стив. На 12 септември 1942 година двајцата македонски патриоти Мите и Стив се обиделе да излезат од обрачот, пробивајќи се во два спротивни правца. За да не паднат живи во непријателски раце, се самоубиле. Бугарската полиција првин ги погребала во два гроба, потоа ги откопале и ги пренела кај селската црква, а од тука потајно ги однесле кај Ѓавато (под Пелистер) и ги запалила со бензин. До ден денес не се знае нивното гробно место.
На 2 август, 1949 година, Мите Богоевски бил прогласен за народен херој на Југославија на Југославија.





