НМ: ДУИ сака со албанска „ЗЕЛС“ да ја федерализира и да ја разбие унитарна РМ! – Ситуацијата е многу сериозна!

„Индициите за можна дестабилизација ги потврди и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Дека постои некаква раздвиженост на состојбите во таква насока говори и присуството на високи претставници на американските разузнавачки служби во регионот, кои имаат сознанија за можна поширока регионална дестабилизација, предизвикана од надворешни центри и финансирана со огромни пари. Едно од таквите сценарија за дестабилизација на државата е и одделувањето на општините, предводени од градоначалниците на ДУИ, како посебни единици. Тие би функционирале надвор од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Македонија, со цел да формираат некаква паралелна заедница. На тој начин широко се отвораат вратите за разбивање на унитарниот карактер на државата. – се нагласува во анализата со наслов „Дали и федерализацијата е дел од есенското сценарио за дестабилизација на државата?!“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.



Посебни албански општини како прв чекор кон федерализација

Покрај другото, натаму во анализата се истакнува: Намерата е кон неа да ги привлечат и другите општини, на чие чело се градоначалници-Албанци, без оглед на тоа дали се дел од власта. ДУИ на локалните избори во 2021 година освои 11 градоначалници, но дел од нив ѝ се придружија на коалицијата Вреди. По напуштањето на ЗЕЛС следен чекор ќе биде здружување на тие одметнати општини во посебна заедница на албански општини, со која ќе се „запечати“ освојувачката мисија од 2001 година, потврдена со територијалната поделба од 2004 година. На тој начин широко се отвораат вратите за разбивање на унитарниот карактер на државата така што ќе се воспостави паралелна заедница на локални самоуправи. Тоа ќе води кон формирање посебна федерална единица, дводомен парламент и редефинирање на државата во некаква лабава федерација, која би била неодржлива на подолг рок.

Дел од аналитичарите сметаат дека процесите се движат во таква насока, а присуството на американските разузнавачи во регионот е токму поради таквите сознанија.

Штом американскиот Стејт департмент тврди дека ги следи состојбите одблиску, штом тука се првите луѓе на ЦИА, тогаш ситуацијата е многу посериозна отколку што мислиме. Овие најави на ДУИ дека нивните градоначалници ќе го напуштат ЗЕЛС треба да се земат сериозно бидејќи знаеме што значи секое напуштање на некоја институција. Ако излезат од ЗЕЛС, овие градоначалници ќе формираат своја посебна заедница, а кога се работи за големоалбанската кауза, сите албански партии во земјава имаат единствен став, без оглед на нивните политички разлики. Идејата за заедница на албански општини своевремено потекна од Алтернатива, но сега ДУИ ја актуализира, оти на неа ѝ гори под нозете. Нејзиното раководство е под закана за ново отворање на Хашките случаи и има многу индиции за сторен криминал и проневера на милионски суми на државни пари. Затоа тие се подготвени на дестабилизација и на федерализација на Македонија, за да се спасат. Зарем нема поголем доказ за нивните федерални апетити од нивното мото „победник со победник“? Оваа идеја е само во најава и единствена пречка засега е противењето на Американците, кои не сакаат да избувне регионален конфликт и да се одвлече сето внимание од Украина. Но таа идеја за заедница на албански општини не е мртва и порано или подоцна некој ќе се обиде да ја реализира. Ако успее, тоа ќе биде конечно крајот на унитарна Македонија.“ – констатираат аналитичарите.