НМ: Би можел да се урне Преспанскиот договор, со кој Грција ја „присвои“ Македонија и ги избриша македонскиот идентитет, јазик и историја

„Во авторска колумна за грчкиот дневен весник ‘Катимерини’ поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас и еден од потписниците на спогодбата во Нивици наведува хирургиски точно кои се елементите во договорот, што ѝ овозможиле на Грција исклучителна можност директно да ги избрише македонскиот идентитет, јазик и историја, но и целосен монопол врз терминот Македонија и секаква друга ексклузивност, поврзана со термините, кои произлегуваат името Македонија. Коѕијас јасно посочува дека главната цел на договорот е создавање нов македонски идентитет, нов јазик и нова историја.“ – се нагласува во статијата со наслов „Апсолутната асиметрија на Преспанската спогодба ги избриша македонскиот идентитет, јазик и историја“, која ја објави дневниот весник „Нова Македонија“.



Покрај другото, во статијата пишува: Силните реакции од мнозинството граѓани, предупредувањата на дел од експертите, но и одговорот на народот преку највисоката демократска алатка – референдумот, не ги поколебаа тогашните македонски власти да влезат во погубниот проект за преименување на државата и да ја потпишат Преспанската спогодба, чии последици сѐ посилно се чувствуваат во земјава од ден на ден. Она што сите јасно го истакнуваа, дека станува збор за исклучително асиметричен договор во кој има обврски само за Македонија, не допираше до политичарите насмеани до уши во Нивици, кои пред шест години му ја запечатија судбината на македонскиот народ, водени од лажните ветувања на Европската Унија.

Сега повторно се разбрануваа „преспанските води“, особено по свечената заклетва на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која се заколна дека ќе им служи на Македонија и на нејзините граѓани, без да ја употреби вештачки импутираната одредница во вековното име на државата. Тоа го вклучи алармот во Грција, но и во Брисел, оти очигледно договорот, кој, според некои силни поддржувачи во земјава цело време бил „на стаклени нозе“, сега би можел да се урне како кула од карти. Клучното прашање е: како потоа тој останал цели шест години на „стаклени нозе“, ако се работело за одличен договор?

Сето тоа многу добро и точно го согледал опсервирал Коѕијас, поранешниот шеф на грчката дипломатија и еден од потписниците на Преспанската спогодба. Во авторска колумна за грчкиот дневен весник „Катимерини“ Коѕијас упатува остри критики кон актуелната грчка власт дека со тоа што не ги спровела меморандумите, всушност, ги загрозила грчките позиции. Според него, дури и тие три меморандуми, што требало да ги усвои грчкиот парламент, се исклучиво во полза на Грција, наместо да се користат како алатки за уцена и да ѝ даваат слобода на другата страна да ја стопира понатамошната спроведување на договорот.

Коѕијас во колумната им става јасно до знаење на некои поддржувачи на Преспанската спогодба во Македонија, но и на неговите противници во Грција, дека се работи за исклучиво асиметричен договор, скроен според сите потреби на грчката држава, а оти неисполнувањето на точките од спогодбата е исклучиво на грчка штета. Коѕијас, не заборава да ги предупреди грчките политичари да не изнесуваат тези во јавноста дека договорот бил постигнат на, како што вели „матен начин“, бидејќи во тој случај ѝ даваат легална алатка на Македонија да го оспори пред меѓународната заедница.