Ни средбата со Трамп не го поправи имиџот на Ципрас

Неодамнешната официјална посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас во САД не успеа да го намали водството на опозиционата Неа демократија(НД) како најпопуларна политичка партија во Грција, покажува новото истражување објавено во понеделникот.
Анкетата спроведена од Универзитетот „Македонија“ покажа дека 31 отсто од Грците би гласале за конзервативната опозициона партија НД ако се одржат избори денес, споредено со само 18 отсто кои велат дека ќе ја поддржат владејачката партија СИРИЗА.
Нео-фашистичката Златна зора е трета по големина политичка сила со 7 отсто поддршка кај анкетираните, додека Демократското движење има 6,5 отсто, а Грчката комунистичка партија (ККЕ) 5,5 отсто, објавија денес грчки медиуми.
Истражувањето покажа дека патувањето на Ципрас во САД не успеа да го поткрене имиџот на неговата администрација, а 46,5 отсто од испитаниците не веруваат дека посетата и договори потпишани меѓу Атина и Вашингтон биле во интерес на Грција.
Истовремено, 47,5 отсто рекле дека патувањето не го зајакнало имиџот на Ципрас како лидер и премиер.
На средбата со Трамп во Вашингтон на 17-18 октомври беше договорено Грција да ја модернизира својата флота со авиони F-16 за сума од 2,4 милијарди долари.
Генерално, само 6,5 отсто од анкетираните се изјасниле дека се задоволни од работата на владата.