Нимиц следната седмица со конкретен предлог за името на Македонија

Посредникот на Обединети нации во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц следната седмица ќе излезе со конкретен предлог за името на Македонија, тврдат грчките медиуми.



Тоа треба да се случи на средбата со претставниците на двете земји Васко Наумовски и Адамантиос Василакис на 20 и 21 ноември во Њујорк.

Грција, според тамошните медиуми, очекува добрата волја од македонските власти на чело со премиерот Зоран Заев по стабилизирањето со убедливиот триум на локалните избори да биде демонстрирана со премиенување на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и со отстранување на споменици од проектот „Скопје 2014“.

Средствата за информирање кај јужниот сосед уште известуваат дека македонскиот вицепремиер Кочо Анѓушев вчера во Вашингтон побарал од САД поддршка во надминувањето на повеќедецинискиот спор со Грција за името.

Телевизија Сител, пак, од „високи дипломатски извори“ дознава дека наведената средба на Нимиц со Наумовски и со Василакис најавена за во вторник и среда идната недела е одложена за до крајот на годината.