Нимиц: Ако преговорите се за идентитет јас не би бил медијатор

Медијаторот во грчко – македонскиот спор за името во изјава за британскиот јавен сервис BBC, тврди дека преговорите меѓу двете земји се водат само за именување на државата во дипломатски кругови а не за именување на граѓаните.



„Ние разговараме само за формулацијата на името на земјата за дипломатски цели. Нема да влијае на обичниот човек. Ние не преговараме за идентитет. Доколку беше така, јас не би учествувал во овие преговори“ изјавил Нимиц за британскиот сервис.

Тој иако е приврзаник на глобализмот признава дека идентитетот е важен. Верува дека има племенска нишка во човечкиот вид и според него е многу тешко луѓето да се чувствуваат удобно во глобален свет, дури и луѓе како него.

Медијаторот очекува убедувањето на гласачите на двете земји да биде тешко иако македонските лидери ветиле дека било кое решение ќе оди на референдум.

„Еден обичен граѓанин во Скопје еднаш ми рече: „Кога станувам наутро и се бричам, гледам во огледалото и велам, јас сум Македонец. Утре кога ќе се бричам, дали очекуваш од мене да речам, јас сум ново Македонец или јас сум Горно Македонец?“  – раскажува Нимиц.

Му реков дека оваа грижа е разбирлива, но е погрешно да се гледа на тој начин.

И покрај тоа што Грција е членка на НАТО и има армија која што е неспоредливо посилна од македонската медијаторот смета дека постои опасност еден ден Македонците да посегнат по грчка територија.

– Морам да објаснам дека грчката загриженост за иредентизам не е неоснована – вели Нимиц.

На американсите сенатори спорот за името им го објаснувал така што побарал да замислат како би се чувствувале доколку Мексико си го смени името во „Република Мексико и Тексас“ и притоа почне да објавува историски мапи на кои е прикажано дека му припаѓаат територии на САД.

Нимиц вели дека ги разбира и Македонците.

Кога Грците ќе речат за Македонците дека тие се дојдени во деветтиот или десеттиот век и дека не се од регионот, тоа е проблем за Македонците кои не се чувстуваат како новодојдени. Тие се чувствуваат домородно како и сите други.

Тој се надева дека вистинскиот тајминг за решение е близу. Ова се должи на новото лидерство во Македонија, социјалдемократот Зоран Заев стана премиер и го отплетка политичкиот јазол во кој земјата беше долго време. А исто така Македонија треба да најде решение за да може да се доближи до своите цели, зачленување во НАТО и ЕУ, смета медијаторот.

Текстот на BBC за Нимиц е објавен под наслов „Човекот кој 23 години е фокусиран на еден збор“.