Министерот за транспорт Александар Николоски денес беше во работна посета на општина Битола. Тој присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на станбена зграда на ПУИГ во Битола.
„Станбениот квадрат и во Битола, како во Охрид, Скопје, Штип отиде многу високо и тоа што би можел да го најавам за овие 65 станови кои ќе се изградат тука, а ќе има и 7 деловни простории, како и 100 паркинг места, цената ќе им биде за најмалку 30-40% поевтина од тоа што е пазар во моментов во Битола. Со тоа мислам дека ќе ставиме крај на уцените кои ги прават градежниците со високи цени кои не соодествуваат на стандардот на македонските граѓани. Луѓето се доведени во ситуација да буквално се иселуваат од државата затоа што не можат да си дозволат да купат куќа или стан“, рече Николоски.
Завршена е реконструкција на 7 улици во населба Недопирливи, во тек е реконструкција на ул. Индустриска околу 700 илјади евра.
– Денеска се избира изведувач за реконструкција на водоводна и канализациона мрежа на 4 улици, ул. 11 Март, ул. Панде Николов, ул. Козара и ул. Чеде Филиповски во вредност од 200 илјади евра. Сo одлука на Влада на Битола и се доделени 2,7 милиони евра за оваа година, следната ќе бидат двојно. Исто така се реконструира влезот на Битола околу 2 милиони евра, оваа комерцијална зграда која чини околу 3,5 милиони евра. И со сите овие проекти придонесуваме за економски развој на градот, стимулирање на економијата и отворање на нови работни места – потенцираше министерот Николоски.
Директорот на АД за станен и деловен простор истакна дека зградата ќе биде завршена до август 2026 година.





