Николоски: Одземени 427 лиценци на градежни компании

Министерството за транспорт и врски досега одзеде 427 лиценци на градежни компании кои не ги исполнуваат потребните услови, иако во моментот на издавање ги задоволувале критериумите.



За ова вчера информираше министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски, по извршените контроли во градежниот сектор.

Како клучни причини за одземањето на лиценците, Николоски ги наведе недостатокот на стручен кадар, како и одредени типови на градежни машини, пренесе Фокус

„Забележавме дека исто лице фигурира на пет-шест различни фирми или пак се прави договор само за да се добие лиценцата, а веднаш потоа тој вработен се одјавува. Ова е класично изигрување на системот.

Македонија е мала држава, а Министерството има издадено околу 3.000 лиценци, што е повеќе од реалниот капацитет – изјави Николоски за ТВ Сител, додавајќи дека очекува бројот на лиценцирани фирми да се намали на околу 2.500 по следната контрола.

Министерот рече дека во наредниот период ќе се испитуваат и проектите во кои учествувале овие фирми, а компаниите што ја изгубиле лиценцата, најмалку една година нема да можат да аплицираат за нова.