Ако успееме да сработиме добро со Франција и со некои земји од Западна Европа, нашите аргументи може лесно да бидат примени, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за позицијата за уставни измени со одложено дејство.
„По мене, мислам дека е побитен квалитетот на држави со коишто имаме средби отколку бројката. Многу често зборувам за група на држави кои се спротивставуваат на проширување. За мене најзначајна средба која што премиерот Мицкоски ја имал откако е избран, е средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон. Франција е сега играч број еден во ЕУ. Макрон е несоменено лидер во ЕУ со најголем легитимитет. Германија допрва влегува во избори и тука најверојанто ќе има промена. Ако успееме да сработиме добро со Франција и со уште неколку други земји од Западна Европа, мислам дека нашите аргументи може лесно да бидат примени. Ако ЕУ сака Македонија да почне преговори, Македонија ќе почне преговори, затоа што ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ. Убеден сум дека еден дипломатски тешкаш од Западна Европа со едно претпладне во Софија ќе го реши проблемот“, рече вечерва Николоски за ТВ Сител.
За разговорите со претставници на Бугарија, Николоски нагласи дека ќе чекаат во Софија да има стабилна влада за да разговараат за сите прашања од дијалогот.
„И Бугарија, како и Македонија, е парламентарна демократија каде што претседателите имаат протоколарна или минимална извршна моќ. Владата е таа која ги носи одлуките. За жал, Бугарија седум изборни циклуси по ред не може да избере влада. Веројатно ќе одат на осми избори во март. Во моментов таму има техничка влада. И во такви услови е многу тешко да се води каква било форма на дијалог затоа што ниту една страна не може да преземе обврски. Јас се надевам дека ќе формираат влада. Веројатно, во март ќе имаат повторно избори, тоа е одлука на граѓаните на Бугарија. Ние може само да следиме, не можеме ништо да направиме, рече тој.





