Никола Калапчиев, Пиринскиот „Македонец со две смртни пресуди“ од бугарскиот фашистички режим – 111 години од раѓањето

На денешен ден пред 111 години, на 25 мај во 1914 година во селото Грамада, Горна Џумаја (денес Благоевград), во Пиринскиот дел на Македонија, сега во Бугарија, е роден Никола Калапчиев, истакнат револуционер и борец за слободна и независна Македонија. Како еден од организаторите и водачите на македонските партизани под Пирин, кои први на целиот Балкански полуостров ја почнуваат борбата против фашизмот, Калапчиев е познат како „Македонецот со две смртни пресуди“. Во 1932 година, на 18-годишна возраст започнува со својата револуционерна дејност како член на Работничкиот младешки Сојуз (РМС). Потоа ќе биде назначен и како организациски секретар на Окружниот комитет на Комунистичката партија.

Калапчиев подоцна ќе стане близок соработник на Никола Вапцаров и на членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Поради револуционерната активност во 1938 е уапсен од бугарската полиција и осуден е на 7 години затвор. Ослободен е во 1940 година. По пуштањето од затвор повторно им се приклучува на своите другари и соборци. Откако Македонците од Пиринскиот дел на Македонија во јуни 1941 решаваат сами со оружје да се борат против бугарскиот фашизам, без да чекаат одлука од Бугарската комунистичка партија, Никола Калапчиев добива задача да ги организира за борба Македонците од околината на градовите Свети Врач (денес Сандански) и Петрич.

Македонските партизани под Пирин први на целиот Балкански полуостров ја почнуваат борбата против фашизмот. Во јули 1941 година Калапчиев заминува во илегала и е еден од основачите на Горноџумајската партизанска чета. Во октомври 1941 кај планинското село Цервиште бугарските фашисти го апсат Калапчиев, откако претходно го раниле. Но тој успева да им побегне. Во март и април 1942 година Бугарија двапати го осудува Калапчиев на смрт: толку многу им бил трн во око на фашистите, што станува познат како „Македонецот со две смртни пресуди“.

На 6 мај 1942 бугарските фашисти организирале полициска блокада на Горна Џумаја по добиени информации за движење на партизани во градот. Калапчиев во тој момент бил дојден во домот на својот татко. Полицијата ја опколува куќата на Калапчиев и започнува престрелка. Тој мајски ден, дваесетина дена пред неговиот 28 роденден, Никола Калапчиев ја положува својата младост за слободата на Македонија. Пролетта во 1943 година новоформираниот Горноџумајски партизански одред ќе го носи името „Никола Калапчиев“.

Македонскиот народ го овековечил Никола Калапчиев во познатата песна од Пиринот „Имала мајка едно ми чедо“: Имала мајка едно ми чедо / Имала мајка едно ми чедо / едно ми чедо Никола. / Очите ѕвезди лице трендафил / левенто чедо крилато. / Ееееј Никола / ееееј јунак пирински. / Му здодеало од чорбаџии / од клето ропство фашистко. / Тргнал Никола в бој да се бие / за наша мајка Македонија. / Дигнал ми глава херој Никола / за правда и за слобода. / Тргнал Никола в бој да се бие / за наша мајка Македонија.

Извор: ОМО „Илинден“ Пирин – објава на фејсбук