„Поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски смета дека резултатите од изборите во Бугарија нема да променат нешто во уценувачкиот однос на нејзината политика кон Македонија и оти ние треба да го бараме решението. Според него, Македонија има решение за своите уценети евроинтеграции: со повлекување, или откажување на вториот протокол од договорот со Бугарија паѓаат во вода преговарачката рамка, ултиматумите и уцените да се менува Уставот. Со тоа ни се отвора можноста за нормален пат кон Брисел .“ – се нагласува во анализата со наслов „Македонските евроинтеграции сепак се првенствено – македонска работа“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Ристо Никовски: Македонската страна го има решението за уценетите евроинтеграции
Покрај другото, во анализата се истакнува: Во истиот ден, 9 јуни, кога граѓаните од земјите-членки на Европската Унија гласаа за нов состав на Европскиот парламент, во Бугарија напоредно се одржаа шестите парламентарни избори во изминатите три години. Тоа што пет од шесте изборни парламентарни циклуси во Бугарија беа вонредни, доволно говори за постојаната политичка криза во оваа држава. Каков ефект би имале резултатите од парламентарните избори во Бугарија за можно надминување на уценувачката состојба, во која се наоѓаат македонските евроинтеграции?
Дипломатот Ристо Никовски смета: „Изборите во Бугарија завршија, но ништо ново не донесоа. Кој и да дојде на власт во Бугарија нема теоретски можности да се менува односот спрема Македонија. Тоа е нивна вековна политика, која продолжува. Тоа значи дека ние треба да бараме решение. Во јавноста има мислење дека треба да се оди на промена на Договорот за (не)пријателство. Тоа се погрешни ставови, бидејќи самиот договор не е пречка за нашите евроинтеграции. Предизвик е постоењето на историската комисија, но таа може да се стави во долгорочно мирување, како што е во моментов. Најголемиот проблем е вториот протокол, кој е пет пати полош од самиот договор, а не е ниту ратификуван, ниту потврден на каков било начин. Со негово повлекување, или откажување паѓаат во вода и преговарачката рамка и ултиматумите и уцените да се менува Уставот. Со тоа ни се отвора можноста за нормален пат кон Брисел.“





