Не стивнуваат реакциите за угинувањето на слоницата Дуња од „ЗОО Скопје“ – скопјани гневни

Скопјани останаа без азиската слоница Дуња. Од скопската Зоолошка градина соопштија дека слоницата угинала вчера. Имено, сопствениците од Белгија „Pairi Daiza”, кои ја позајмиле на нашата Зоолошка, одлучиле со тимот експерти (ветеринар, офталмолог и сениор зоо-негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледувале да ја евтаназираат слоницата.



  • Ниту еден третман ниту операција не можеше да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија беше од стручниот меѓународен тим за таа да не страда – појаснуваат од Зоолошката градина.

Притоа, тврдат дека за процесот на обдукција и останките ги следеле законите и правилата, но се консултирале и со тим од Факултетот за ветеринарна медицина. Дуња, најголем дел од својот живот го има поминато во шведски циркус, патувајќи низ цела Европа. Со забраната за користење на животни во циркуси точки, оттаму Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza”, каде што се констатира дека, за жал, поради трауматичното минато двете слоници, Дуња и Даела, нема да можат да живеат во социјална група со други слонови.

Инаку, угинувањето на слоницата Дуња денеска беше тема и на партиски препукувања.

Од СДСМ велат дека последните информации оти пцовисала слоницата Дуња е кулминација на негрижата и уништувањето на ова прекрасно место.

  • Во последните месеци и години пцовисаа многу животни – две жирафи, тигар, коњи и други животни. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои Данела Арсовска на граѓаните им ја продадоа како најдобрата менаџерка, а потоа се скараа поради бизнис-интереси, треба да одговараат за оваа нечовечност – сметаат од СДСМ. И од ЛДП изразија загриженост за случувањата во скопската Зоолошка градина и бараат одговорност во врска со последниот скандал на смртта на слоницата Дуња и итно расчистување на случајот и транспарентност од страна на надлежните органи.

Настанот во ЗОО Скопје, беше уште една причина за препукување помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ.

  • Не може да се премине преку фактот дека слоницата, најголемата атракција на зоолошката градина, тајно е носена замислете од Скопската золошка градина до скопската депонија, со намера да се сокрие нејзината смрт“, изјави Стефан Кирков-ВМРО ДПМНЕ.

Реагираа и од здружението за заштита на животните „Анима мунди“, потенцирајќи дека веста за трагичната смрт на една од слониците Дуња, повторно разбудила кај нив бес и загриженост за благосостојбата на дивите животни, кои, како што велат, под параван на „едукација и забава“ се држени како затвореници во современа човечка творевина ни малку слична на нивниот природен хабитат. Бараат да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале Дуња и итно да се затвори Зоолошката градина, бидејќи потенцираат условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и ни малку се едукативни и забавни.

Изминатиот период угинаа жирафите Каспер и Флопи, јавноста се уште го памети и скандалот со коњите, кои според официјалните обдукциските наоди покажува дека коњите биле отруени со брзоделувачки отров. По оставката на Ѓорѓи Галетановски во 2021, на директорската позиција од страна на Град Скопје беше назначен Кристијан Стаменов, по немилите случување во скопската Зоолошка градина на челната позиција беше назначен Драган Илиевски, од почетокот на минатата година е Зоран Попов. Минатата година Зоолошка градина го изгуби статусот, кандидат за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми, затоа што последните години не ги исполнила соодветните обврските зададени од ЕАЗА. Зоолошката градина е формирана во 1926 година од страна на тричлена комисија, а во 1965 година го добива денешниот изглед-со решение на Градското собрание.