Пишува: Свето Тоевски
Судијата Елведин Ферати од Основниот суд во Тетово донесе пресуда од „дури“ две години затвор за Менсур Пајазити, поради тоа што во септември 2022 година ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово, прегазувајќи ја со автомобил на пешачки премин, кој го возел со преголема брзина. Читајќи ја пресудата, Ферати нагласил дека со „нејзината висина таа ќе претставува пример и поука за сите во сообраќајот“?! За кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, со настанат смртен исход судијата Ферати досудува само две години затвор, при што се предвидени максимални пет години затвор за такво кривично дело.
Министерот за правда Филков изјави дека не можел да ја коментира оваа пресуда на тетовскиот суд. Но, вредноста на човечкиот живот, за кого било да станува збор, и ваквите скандалозни мајтапења со (не)правдата налагаат дека е веќе дојдено времето да се скрши на најситни парчиња митот дека судските пресуди и судиите се „недопирливи“!
Судските пресуди и однесувањата на судиите во Македонија мора да можат да бидат коментирани, оценувани, мора да можат да бидат подложувани на преиспитувања, секако напоредно со почитување на принципот на поделбата на власта, арно ама и со максималното активирање и профункционирање на сите контролни механизми, кои ги имаат на располагање владата и собранието. Треба да се синхронизираат сите органи и механизми во македонската држава и да постои меѓусебна проверка и контрола во рамки на надлежностите, се со цел да не се случат во иднина нови пресуди како оваа за смртта на Теодора.
Гласот на народот и на правдата против неправдата и скандалозното мајтапење со судската функција
Зошто да не може министерот за правда Игор Филков да коментира ваква пресуда, или слични на неа, зошто да не може барем да иницира преиспитување на одлуката кај Судскиот совет? Сосема е логичен и оправдан ставот на Филков дека „гласот на народот е доволно силен, за да допре до сите, особено до Судскиот совет“. „Јас ниту смеам, ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што секако сакам да го искоментирам е реакцијата на јавноста. А реакцијата на јавноста е оној глас на народот, којшто е многу битен и којшто треба да допре до секој од нас, вклучително и до Судскиот совет, којшто е повикан да реагира. Тие два проценти доверба, што му се доделени на судството, уште еднаш се покажа дека не се за џабе“ – нагласи Филков.
Не смеел ли и премиерот Христијан Мицкоски да изреагира и да ја искоментира ваквата пресуда, или слични на неа, не смеел ли и тој да бара нејзино преиспитување од страна на Судскиот совет? Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е разочаран од пресудата во Тетово, откако судијата Елведин Ферати му изрече двегодишна казна затвор на Менсур Пајазити, кој на пешачки премин смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Искажувајќи ја својата разочараност, поради оваа скандалозна пресуда, Мицкоски ја оцени како неправедна и го повика Судскиот совет да реагира.
„Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе и луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш за бадијала ни е се.“ – посочи премиерот Мицкоски.
Одговорното и професионално поимање и практикување на новинарството наложува дека задолжително мора да се обрне внимание на „Студијата бр.494/2008 (CDL-JD(2008)002*)“ од 3 октомври 2008 година на Европската комисија за демократија преку право (Венецијанска комисија) за европските стандарди во однос на независноста на судството. Истакнувајќи дека „се „гарантира правото на независно и непартиско судење“, во оваа студија за независното судство Венецијанската комисија укажува: „Препораката (94) 12, Принцип I (2) (а) (i) предвидува дека ‘одлуките на судиите не треба да бидат предмет на никаква ревизија надвор од жалбените постапки како што е предвидено со закон“.
Но, во кој параграф на препораките на Венецијанската комисија да се сместат судијата Елведин Ферати и неговата пресуда од две години затвор за смртно прегазената 22-годишна Теодора? Каква пресуда за вакво кривично дело би досудиле еден суд, на пример, во Франција, САД, Англија, Германија?!
Две години затвор за одземен човечки живот – три години затвор за одземени 150 ќебапи и 20 плескавици!
Тука не е крајот на списокот со македонските апсурди и парадокси во судството. Македонски судии досудуваат две години затвор за одземање човечки живот, а три години за одземање 150 ќебапчиња и 20 плескавици, плус кусур друго?!
Судијката Габриела Гајдова во јануари 2015 година го осудува велешанецот Петре Караманов со казна од три години затвор, бидејќи од кафеана во автобуската станица во Велес украл 150 ќебапчиња и 20 плескавици, лозова ракија, узо, мастика, коњак, пиво, сувомеснати производи, краставици, домати, со направена штета од вкупно 5635 денари. „Му била одредена најблагата казна, зашто бил прекршочно казнуван, казнет како малолетник и дури девет пати осуден на затворска казна, претежно за разбојништва и кражби.“ – било образложено кон пресудата за „љубителот на ќебапчиња и плескавици“. Значи Караманов можел да биде и „благодарен“, оти ќе добиел уште години затвор. Ќебапчиња, плескавиците, ракијата, узото, имаат вредност, добро де, ако ги украде сторител со „дебело досие“, арно ама, каква била вредноста на младиот и неодживеан живот на Теодора, штом за нејзиното усмртување се досудени „цели“ две години.
Случај трет: затворска казна во траење од четири години со одлука на Основниот суд Скопје 1 имал добиено Панче Ангелов, кој за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година ја кубеше за коси и ја повреди тогашната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска. За делото „Насилство“, за кое беше осуден, предвидена е казна затвор во траење од 3 до 10 години. И Панче Ангелов треба да биде „благодарен“ бидејќи можел да добие уште поголема казна…
Правосудниот систем со сите негови составни делови, судовите, обвинителствата, не постои сам за себе и тој му припаѓа на народот, на граѓаните. Одлуките на судовите не можат да бидат донесувани спротивно на законите, на правдата, на таков начин што граѓаните ќе доживуваат неправда и ќе биде загрозувани нивниот физички и секаков друг интегритет. Сосема конкретно кажано, реформите во македонското правосудство ќе мора да содржат решенија, со кои ќе се постигне еден флексибилен спој да можат судиите со своите пресуди секако да имаат потребен степен на независност, но и да не можат да се претворат во „недопирливи“, да не може власта да бара преиспитување и на нивните одлуки и на нивните однесувања во целина.
Изигрувањето на правдата во случајот со Теодора предупредува дека оваа пракса ќе мора веднаш да се сосече во корен и во иднина да се заострат, да се кренат на највисоко можно рамниште критериумите за избор на нови судии. Судиите во Македонија мора да ги почитуваат човечкиот живот и достоинство, а не да судат против нив, како што се случува со години кај одделни вршители на судската професија.
Свето Тоевски






