Не се вложува во нови трендови на производство на вино- Македонија остварува низок профит од извоз

Македонија остварува низок профит од извоз на вино поради што најчесто се извезува наливно вино кое има ниска цена, а помалку спакувано во шишиња, каде што цената е повисока, но не е во посакуван износ.  Како што анализира порталот Плусинфо



Земјава годишно извезува меѓу 66 и 68,5 милиони литри вино, од кои се остварува различен износ на девизен приход, главно поради цената која се постигнува при извозот. Лани е остварен девизен приход од 57,7 милиони евра.

Овој приход може да биде далеку повисок, ако извозната и малопродажната цена на нашето вино е повисока, но таа е несразмерно ниска во однос на останатите вина кои се нудат на странските пазари во иста категорија. Дополнително, малку се вложува во маркетингот, велат познавачите на состојбите и експерти.

Ако се анализираат податоците од ланскиот извоз, највисока просечна извозна цена македонското вино постигнало во Данска од 5,77 евра, додека најниска цена е постигната во Австрија од 0,47 евра, иако во оваа земја извозот на вино е зголемен за 150%.

Познавачи на оваа индустрија велат дека ниската цена на вината е резултат на големата конкуренција на светскиот пазар во категориите на нашето вино, но и на фактот што најмногу продаваме наливно вино кое има ниска цена. Дополнително, велат тие, опаднат е и квалитетот на виното, бидејќи не се вложува во нови технологии и не се следат новите трендови.

– Македонските вина спакувани во шише во маркетите во странство имаат цена од 7 до 10 евра и спаѓаат во средновисоките цени кои се рангирани во рамките од 5 до 20 евра. Тоа значи дека просечната извозна цена на флашираното вино изнесува 3 евра, а на тоа се додаваат и давачките даноците и маржите во земјите каде што е извезено и се достигнува пазарната цена. Оваа цена е добра, со оглед на големата конкуренција од вина кои се во нашата категорија на квалитет. Нашите вина се поквалитетни од оние произведени во Србија и во Хрватска, во Бугарија во регионот, но сме далеку под квалитетот на вината на Словенија, на Нов Зеланд и на низа други земји кои се пробиваат на пазарот – вели Зоранчо Митровски, основач на винаријата „Езимит“, која целокупното производство го пласира во странство.

Митровски вели дека главен проблем е тоа што државата дозволува монополистичко однесување на една винарија, која со своето однесување го нарушува винопроизводството и ги омаловажува и уништува лозарите во најлозарскиот регион Тиквеш, бидејќи секоја година ги става во неизвесност лозарите, а  грозјето го откупува по несразмерно ниски цени во однос на цената на неговиот готов производ, што ги дестимулира лозарите да го продаваат грозјето за вино.

За подобрување на состојбите, вели Митровски, треба да се поправат многу работи од односот кон лозарите и нивниот труд преку олеснување на извозот, со укинување на одредени давачки за уверенија кои се непотребни. Потребна е демонополизација, немешање на политиката во пазарот. Неопходно е и вистинско регулирање на нелегалното производство и пласман на ракија.

– Винариите извознички сега за уверение кое не им користи за ништо плаќаат по 40 евра. Од тоа во државната каса се слева голема сума на пари, а државата им враќа многу мал износ. Тука може да се подобри состојбата. Не велам да не се плаќа акциза, но треба да ја плаќаат и лозарите кои грозјето наместо да го пласираат за вино го преработуваат во ракија, која ја продаваат илегално на зелените пазари, без да платат ништо. Ова прашање мора да се регулира со кривични казни и одземање на стоката, а не со казна од 2.000 евра, која тој што произведува 60.000 тони многу лесно ќе ја плати, а државата губи 60.000 евра – вели тој.

Во Стратегијата, пак, Министерството за земјоделство излез од состојбата гледа во подобра кредитна политика кон секторот,  окрупнување на лозовите насади, поголема соработка на винариите, инвестирање во  науката, подигање на нови лозови насади, подобар маркетинг, но и во развојот на винскиот туризам и во органско производство на грозје. Извор: https://plusinfo.mk/sme-si-umislile-deka-imame-super-vino-a-go-prodavame-vo-cisterni-i-vo-plastika-sami-si-gi-urivame-cenite-niko-ne-ni-e-kriv/