Според неофицијалните информации од Софија до кои дојде expres.mk во договорот за добрососедтво и пријателство меѓу Македонија и Бугарија нема да се споменуваат национални атрибуции.
Базата која што е договорена меѓу двете земји предвидува во текстот да се користи слична формула од декларацијата за пријателство од 1999 година во која државите а не народите се носители на правата и обврските од договорот.
Според доброупатени извори во Софија договорот е добар и за Македонија затоа што во него не се поставува дилема за постоење или непостоење на македонскиот народ и нација, прашања за кои не може да одлучуваат политичари туку на пример Советот на Европа или телата на светската организација кои немаат проблем со македонскиот идентитет.
Идејата на Борисов и Захариева не е да го понижат Заев и македонската влада туку да им помогнат со помош на Софија да се забрза влезот во ЕУ и НАТО, што доколку договорот биде потпишан пред се ќе зависи од Грција, велат изворите на expres.mk кои инсистираат на анонимност и бараат позитивен прием на бугарските добри намери.
Во Софија се изненадени од недовербата со која во Македонија се дочекува договорот иако разбираат дека историските прашања и тајноста на текстот создале клима во која нема да биде лесно да се стави параф на документот. Од таму порачуваат Македонија да не се плаши затоа што Софија знае дека навреден и понижен сосед нема да може да биде партнер на Бигарија.
Главниот проблем со договорот кој во најголем дел е преговаран со предходната влада на ВМРО – ДПМНЕ е што Заев инсистира на брзо потпишување со што нема доволно време новата влада во Скопје да го објасни истиот на јавноста поради што тој доаѓа како шок, иако на него се работи цели 8 години.
Посебен проблем е што договорот се потпишува во првите 100 дена од новата влада во Скопје која што сеуште нема доволно силни комуникациски капацитети а во исто време постои страв дека договорот може да влијае на рејтингот на власта на следните локални избори.
Според изворите, во случај на откажување на договорот Софија нема да се откаже од понатамошни разговори со Скопје. Во тој случај Македонија ќе има само декларативна поддршка на патот кон ЕУ но нема да може да смета на директно интензивно лобирање на Софија во периодот кога Бугарија ќе биде претседавач со ЕУ и потоа.





