Македонската јавност не доби детали за именувањето на Македонија во регистерот на земјите членки во Обединети нации, откако медијаторот Метју Нимиц во Скопје изјави дека именувањето на јазикот и на државата е дел од преговорите.
Нимиц тогаш рече дека ОН во своите графи само технички ги впишува имињата на државите, а самите народи одлучуваат за својот идентитет.
Expres.mk од извори во Атина дознава дека позицијата на Атина е јасна: во регистерот на ОН за земјите-членки во графата за националност треба да стои „Горномакедонска“ или „Северномакедонска“.
Поголем е проблемот во графата за јазикот, каде што сега пишува „Македонски“ односно „Macedonian“.
Во оваа графа, ако има решение за името и ако заврши расправата за Законот за јазици, треба да има две измени.
Покрај албанскиот јазик како официјален во земјата, ќе треба да се впише и новиот, согласно новото договорено име.
Ако, на пример, тоа биде Горна Македонија, и јазикот ќе биде горномакедонски.
Иако досега немало случај некоја држава да загуби име на јазик во ОН, доколку Грција инсистира на вакво сценарио, а Македонија навистина нема црвени линии како што изјави премиерот Зоран Заев, тогаш земјава ќе го изгуби својот меѓународно признат и етаблиран јазик и ќе добие непостоечки јазик, за кој допрва ќе се објаснува со светот.





