„Не“ за преименување на улиците во Тетово, бара Сојузот на борци

Да се бојкотира процесот на менување на имиња предложен од општината апелираат од Сојузот на борците од Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од Тетово.



Барањето е во пресрет на повик на Општина Тетово утре, 4 април, граѓаните да учествуваат на првата јавна дебата на која ќе може да дадат предлози за имиња на улиците.

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи од Тетово го оценуваат најавеното преименување на улиците како лажен, неискрен и опасен процес, отпочнат и воден од Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами.

„Во петок на 4 април сценаристите имаат закажано претстава во која ќе глумат јавна дебата, во која очекуваат граѓаните да бидат статисти. Знаеме дека предлогот е одамна на бирото на Касами и оваа националистичка глума е обична фарса.

Не поминува! Сите сме свесни за вашиот демократски капацитет Касами. Процес во кој уште на самиот почеток хероите од Антифашистичката коалиција лично од Касами се претставени како темното минато. Не заслужува поддршка и учество од ниту еден разумен совесен и искрен патриот“, истакнуваат од Сојузот на борци од Тетово.

Тие ги повикаа советниците исто така да не даваат поддршка во Советот, а државниот врв да не дозволи промена на имињата на улиците од антифашистичкото минато.

„Повикуваме на будност и поддршка од државниот врв и лидерствата на парламентарните партии, научните институции и медиумски куќи. Сојузот на борци од НОАВМ и продолжувачи од Тетово дава отпор на овој груб обид за историски ревизионизам, сепак не е фер толку важна битка да се остави само на наши плеќи“, велат од тетовскиот Сојуз на борци.

Општина Тетово уште од август 2024 година го почна процесот за преименување улици кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со бројка.