„Не жалам оти ќе умрам, само ми е мака…“: Годишнина од смртта на првиот претседател на Македонија, Методија Андонов-Ченто

На денешен ден во 1957 година, на 54 години, ќе згасне животот на претседателот на Президиумот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), Методија Андонов-Ченто.



Првиот македонски претседател жестоко се противи на испраќањето македонски војници на Срем при крајот на Втората светска војна во некогашна Југославија. Се залага за обединување и поголема самостојност на ослободена Македонија, се противни на враќањето на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и за сопствен буџет на Македонија.

Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сака да се повлече од политиката и мирно да живее во родниот Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд и по два дена осуден на 11 години затвор.

Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“, каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак, затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 година умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп.

И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

„Загубив сè, материјално пропаднав, мојата политичка кареира ја започнав како чорбаџија, а ја завршив како слеп сиромав. Децата се веќе 10 години без моја помош и лишени од помошта на заедницата поради мене. Му наредив на синот да прекине со студиите од економски причини. Жената ја упропастив наполно и таа се разболе. Изгубив 9 години личен живот, истргав најмизерни понижувања, осуден сум за тоа што не сум го сторил, од глад сум паѓал во несвест, сум издржал 9 години казна, ќе излезам поголем злосторник од германските гестаповци кои го запалија целиот свет. Од сето тоа ми остана човечкото достоинство и тоа сакаат да ми го земат. Јас не жалам оти ќе умрам, само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знаат кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода“, ќе рече македонскиот великан.