Градежните активности во Маврово значително го променија пределот, предизвикувајќи уништување на природата и нарушување на животот на мештаните. Иако законите налагаат ревалоризација и репрогласување на Маврово за национален парк, тоа не е реализирано веќе две децении, оставајќи простор за бесправна градба и сеча, објави МКД.мк. Последната студија за ревалоризација предлага зголемување на зоните под строга заштита, што предизвикува реакции кај локалното население и управата на паркот.
Жителите стравуваат дека зголемените ограничувања ќе го загрозат нивниот начин на живот, ќе ја намалат можноста за земјоделство и туризам и ќе го зголемат иселувањето. Додека дел поддржуваат зголемена заштита, други бараат балансиран пристап што ќе го вклучи и економскиот развој на регионот.
Повеќегодишната континуирана узурпација и урбанизација на мавровскиот крај остави трајни штети по природата и пејзажот. Покрај физиономија на овој предел, новите градби го променија и животот на мештаните, кои имаат проблеми со водоснабдувањето, со недостигот на струја и со руинираниот пат. Владо Лазаревски од Леуново долги години се обидува да го сврти вниманието на институциите за проблемите во Маврово.
- „Селата ги претворивме во градови. Вакви згради како што се изградија овде, нема во ниту еден национален парк во светот. Ова е хаос. Но, овој пат нема повлекување, ќе се бориме до крај. Ако новите институциите избрани сега од ВМРО, не ги решат проблемите, овде повеќе ќе нема живот“, вели Лазаревски, разочаран од лагите на многу власти и уморен од децениската битка да ја заштити природата која се уништува пред неговите очи.
Националниот парк се нагрдува со години. Законот за репрогласување на паркот кој требаше да се усвои пред две децении, сè уште не е донесен, а нема ниту план за управување со националниот парк. Без овие стратешки документи, во Маврово на сила е беззаконието. Кога во 2005 стапи на сила Законот за заштита на природата, беа создадени услови и обврски за властите да ги ревалоризираат сите заштитени подрачја. Но, и покрај јавно декларираната волја тоа да се случи, секогаш се бараа оправдувања зошто да не се усвои Законот за репрогласување на Маврово за национален парк. Со него ќе се стави крај на штетните практики, ќе се обезбеди солидна правна и физичка заштита на природните богатства, паркот ќе биде соодветно зониран и плански ќе се развива.
И додека политичките моќници сите овие години калкулираа со заштитата, на терен владее анарахија, масовна урбанизација, неконтролирано се гради, никнуваат дивоградби, се сече шумата, се уништува природата, а мештаните си заминуваат.
В.д. директорот на Управата за животна средина Игор Никоски за Само прашај вели дека ќе се заложи овој процес да успее и затоа ќе организира заеднички средби на експертите кои работеа на Студијата и раководството на Националниот парк.
- „Од страна на ЈУ НП Маврово дадено е позитивно мислење на Студијата за валоризација на НП Маврово, за која се побарани дополнителни консултации со експертскиот тим. Во таа насока, МЖСПП изготви нацрт-закон за прогласување на Маврово за кој треба да се одржи и јавна расправа по предлогот кој ќе биде ставен на ЕНЕР”, ни рече Никоски.

Репрогласувањето на Маврово за национален парк повторно е стопирано
Тим од десетина експерти, еколози, професори се потпишани на последната Студија за ревалоризација на паркот изготвена во декември 2023 година, а во теренските истражување учествувале уште триесетина експерти и професори. На повеќе од 400 страници, во студијата има податоци за природните богатства на паркот, социо-економските карактеристики, сопственичките права, податоци за шумата, почвата, хидрологијата, вегетацијата, екосистемите, агродиверзитетот, пределската разновидност, геодиверзитеот итн. Напишана во консултација со жителите, невладините организации, претставници на националниот парк, таа е всушност дополнување на последната Студија за ревалоризација од 2011 година, изработена во рамки на проектот „Заштита на животната средина, економски развој и промоција на одржлив еко-туризам во Националниот Парк Маврово“, а промовирана од невладините организации Oxfam Италија и GVC, со финансиски средства обезбедени од италијанското Министерство за надворешни работи. Повеќе на МКД.мк.





