Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека земјата ќе донесува одлуки за своите дејствија кон Иран во согласност со сопствениот национален интерес, иако ќе ги слуша Соединетите држави, се вели во официјалното соопштение од канцеларијата на Нетанјаху во вторникот, поврзано со публикација во Вашингтон пост“, пренесува „Ројтерс“.
Во написот се тврди дека Нетанјаху ја известил администрацијата на претседателот Џо Бајден дека Израел планира да нападне ирански воени локации, а не нуклеарни или нафтени постројки, што укажува на поограничен контранапад.
Нападите се очекува да бидат одговор на ракетниот напад на Иран врз Израел на 1 октомври.
Нетанјаху ги предложи овие поограничени удари за да се спречи ескалацијата на конфликтот во војна од целосен обем и да се избегне можноста за политичко мешање на претстојните избори во САД.
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху се вели:
„Ги слушаме ставовите на САД, но конечните одлуки ќе ги донесеме врз основа на нашите национални интереси“.
Администрацијата на претседателот Бајден изрази противење на нападите врз иранските нуклеарни и нафтени постројки, а нафтените пазари остануваат нестабилни, загрижени поради можноста од израелски напади врз иранските нафтени полиња.
Земјите од Персискиот залив, исто така, лобираа во Вашингтон да ги спречи таквите напади, плашејќи се од одмазда врз нивните сопствени објекти.






