Од засега официјално непознати причини се уште не е објавено интервју на бугарски медиум со член на македонската влада.
Интервјуто е направено со заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски кој повеќе од еден месец чекал да биде објавено интервјуто со него кое сега е ставено ,,во бункер”.
,,Пред повеќе од еден месец, искусен новинар од Бугарија ме замоли за интервју за влијателен бугарски медиум како нов македонски заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија. Му одговорив на сите прашања, но, за жал, од за мене и за него непознати причини, интервјуто не ја виде светлината на денот. Не би сакал да навлегувам во причините за тоа, иако во меѓувреме се случија многу настани на релација Скопје-Софија. Бидејќи сметам дека разговорот беше интересен, на овој начин би сакал да ја запознам јавноста во Македонија и Бугарија со прашањата и одговорите”, пишува Димитровски кој не открива за кој новинар никој бугарски новинар се работи.
Заменикот шеф на дипломатијата во обид неговите ставови да бидат транспарентни објавени сам го објавува интервјуто кое можете да го прочитате во продолжение:
1. Господине Димитровски, да почнеме од тоа – како се чувствува еден еминентен новинар во оделото на заменик министер за надворешни работи? Како се решивте да одите во политиката и да се разделите со новинарството? Дали фактот дека сте заменик министар за надворешни работи е заради некоја партиска квота, или е Ваша лична желба?
Да, имав желба да бидам дел од Министерството за надворешни работи, а сметам и дека сум квалификуван за тоа. Има многу новинари во дипломатијата, професијата е од комуникациска природа. Сепак, заменик министер е политичка функција и овде сум, заедно со министерот, да ги застапувам ставовите на Владата во делот на надворешната политика. Наш врвен надворешно-политички приоритет е членство во Европската Унија, секако не како флоскула и не само по себе, туку заради забрзан економски развој и зголемување на животниот стандард на граѓаните. Инаку, во политиката влегов на крајот од 2019 г. како генерален секретар на Демократскиот сојуз, помала политичка партија од центарот. Со новинарството се разделив, не по своја волја, но мислам оти немаше повеќе простор за мој посериозен новинарски ангажман. Не барем на дневна основа. Лебот во новинарството некако стана потешко достапен, политичките и бизнис елити жестоко го беа јавнале јавниот простор… Веќе во септември 2020 г. бев избран за заменик министер за локална самоуправа, каде што бев се до март 2023 г. кога Демократскиот сојуз ја напушти минатата Влада. Значи, имам мало искуство во власта и политиката, иако и ресорот локална самоуправа е повеќе либерален – борба за децентрализација на власта, пренесување на надлежностите на општините, повеќе пари за граѓаните, а не во централниот буџет…
2. Навистина, секој новинар е и дипломат- кој повеќе, кој помалку. Што од дипломатијата ја прави блиска со новинарството? Па таа е тивка и молчалива професија, а новинарството, знаете, секогаш е јавност?
Така е, новинарството не само што е јавно, транспарентно, туку новинарот знае да биде многу бучен, провокативен, па дури и агресивен во улога на четврта власт, заради одбрана на јавниот интерес. И тоа во демократијата е сосема вообичаено, да не речам нужно. Додека, пак, иако постои и јавна дипломатија, во принцип дипломатите работат тивко, зад кулисите, но и нивните активности може да бидат офанзивни, па дури и радикални, без оглед што тоа не се гледа во јавноста. Вистинското професионално новинарство секогаш трага по вистината, новинарот се бори за вистината, додека пак дипломатијата работи за целите и интересите на државата, што најчесто ги дефинира владеачката елита. Пожелно е целите да бидат национални, државни, во интерес на сите граѓани, а не идеолошко-политички, за дипломатијата да може со успех да ги спроведува во континуитет. Но, успехот на дипломатијата, за жал, не зависи само од професионалното извршување на нејзините задачи, туку и од моќта на државата на надворешен план, од геополитичкиот распоред на силите. Разликата е во тоа што дипломатијата на една мала држава како Македонија, бара пријатели и сојузници меѓу моќните држави за да ги оствари интересите на граѓаните. Новинарството, пак, по правило, бара сојузници во јавноста, меѓу немоќните граѓани (преку читаност и гледаност) за да го заштити нивниот интерес. Така што, дипломатијата е во потрага по моќ, а новинарството по вистината. Вистината е неговата моќ. Сепак, заеднички им е интересот на јавноста.
3. Добро, лично мене ми недостасуваат Вашите текстови. Ја знаете и старата максима – еднаш новинар, засекогаш новинар. Понекогаш не ли Ви се сака да седнете и да напишете некој текст? Еве, сега читам, владата ќе ја финансира доизградбата на некои објекти од “Скопје 2014”. Пред неколку години за еден ТВ документарец разговаравме за тоа и Вие рековте дека овие споменици од проектот не Ви се бендисуваат? А сега?
Не можете да се откажете туку-така од новинарството. Изминативе пет години откако не сум активен новинар и влегов скромно во политиката, во меѓувреме соработував и со Институтот за комуникациски студии. Таму бев ангажиран и како ментор и уредник на новинарско-истражувачки проекти, но и како предавач по предметот Критичко размислување и аналитичко пишување на постдипломските студии. Сепак, хард-кор новинарството ми недостига… Ако ништо друго, помалку е валкано од нашата балканска политика. Што се однесува до објектите од „Скопје 2014“, мојот став отсекогаш бил критички. Напишав редица текстови за споменичната грандоманија, најмногу затоа што спомениците беа пералница за пари. Сепак, проектот „Скопје 2014“ не се само спомениците, изградени се редица згради кои сега служат како седиште на јавни институции, на пример министерството во кое што сега работам е репрезентативен објект каков што заслужува македонската дипломатија, потоа седиштето на јавното обвинителство, новата зграда на филхармонијата, музејот на македонската револуционерна борба, археолошкиот музеј, македонскиот национален театар и други. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ (и коалицијата „За твоја Македонија“, чиј дел е Демократскиот сојуз) во предизборието ветуваше дека нема да фрла пари за нови споменици, туку ќе гради градинки, училишта, болници, патишта, објекти од јавната инфраструктура. Сепак, некои згради за државните и јавни институции од проектот „Скопје 2014“ останаа незавршени. Очекувам тоа да бидат новите градби.
4. Дали мислите дека јавноста во нашите две земји е добро и чесно информирана за тоа што се случува и кај нас, и кај Вас? Некои велат дека меѓу Скопје и Софија се води хибридна војна. Нели тоа не е во ред?
Го следам бугарскиот печат онлајн, поретко вашите ТВ канали. Освен четвртиот канал на Бугарската национална ТВ, кај нас не се емитува друга бугарска ТВ станица. Исто е и во Бугарија, таму оди само третиот канал на МТВ. Жал ми е што не направивме ништо за слободно следење на повеќе комерцијални, пред се, њуз-канали во двете земји. Лошо е ако јавноста се информира само од домашни извори и уште полошо е ако некој се обидува да се штити од, условно речено, туѓа пропаганда. Искрено, мислам оти граѓаните имаат доволно демократски капацитет за да слушнат и различно мислење, без оглед на можната индоктринација. Не мора да се согласат, но дебата е нужна. Сепак, мора да се уважуваме и да се почитуваме. Што се однесува до квалификацијата хибридна војна, јас не би одел толку далеку. Но, да, имаше говор на омраза на социјалните мрежи, или од страна на политички екстремисти во некој од медиумите. Но тоа беше карактеристично во времето на бугарското вето или подоцна, за време на францускиот предлог. Официјалните документи што ги донесе вашата влада и вашето Собрание беа навредливи за нас Македонците, и на тоа имаше реакција. Мислам оти сега нема таква врева, интересот на јавноста спласна. Веројатно причината за тоа е што во Софија нема политичка влада, а техничките влади по правило се потивки за жешки политички теми. Плус, Бугарија смета дека работата е завршена со усвојувањето на Преговарачката рамка и дека сега сме ние на потег. Сепак, работите не врват добро. Потребна е комуникација на сите нивоа за да ги надминеме предрасудите. За жал, некои душегрижници не советуваат – голтнете сега се, а потоа, кога ќе станете членка на ЕУ, можете да си ја накривите капата и да не ги есапите Бугарите. Но, тоа ли е рецептот? Нашата судбина е да делиме граница. Соседи ќе останеме и по нашето полноправно членство во ЕУ. Нели е важно да бидеме добри соседи? Треба ли да се гледаме на нишан во Брисел?
5. Некогаш заедно со Вас и други колеги пробавме да ги зближиме новинарите и медиумите од двете држави. Нешто направивме, нешто –не! Дали мислите, дека има се уште простор за таква заедничка работа?
Секогаш има простор. Несогласувањето за историјата не треба да биде пречка да соработуваме. Новинарите можат да пронајдат теми од двете страни на границата. Лично сум соработувал со бугарски новинари, а кога доаѓаат тука во Македонија повремено им помагам да најдат извори на информирање, официјални личности за интервју и сл. Но тоа е малку, јас би предложил, на пример, размена на 10 бугарски и 10 македонски новинари од ТВ, онлајн и печатени медиуми да престојуваат по 3 или 6 месеци во редакции од нашите две држави, и да работат во тие медиуми, односно да одат на терен, да истражуваат на теми, да прават интервјуа, да пишуваат текстови, анализи, коментари (се разбира оти ќе им треба помош за превод од колегите) и за тоа да добиваат плата со која живеат другите новинари од соодветниот медиум. Плус, Бугарија е земја членка на ЕУ, вашите редакции можат да конкурираат за таков или сличен проект од различни ЕУ фондови, и заеднички да работат на теми од областа на прекуграничната корупција, организираниот криминал, заштитата на животната средина, заштитата на археолошките наоѓалишта и сл. Така луѓето ќе разберат дека секојдневието ги зближува. Сите имаме слични проблеми.
6. Еден наш мкеедонски колега, новинарска легенда, велеше дека ние новинарите мора да бидеме пред политичарите за подобрување на односите. Не е ли и во моментов слична ситуацијата? Барем да се договориме за тоа да не користиме јазик на омраза, ќе биде еден чекор напред, не е ли така? И одново ќе добиеме предност пред политичарите!
Лично, како новинар, никогаш не сум користел јазик на омраза. Секогаш во фокусот ми била владеачката елита и нејзините политики, како во Скопје, така и во Софија. Луѓето во Бугарија не се виновни за тоа што се случувало во минатото и како тоа им се презентира во медиумите. За Бугарија и за историските теми сум напишал десетици текстови. Сум ги презентирал и најконтроверзните бугарски гледишта од револуционерната историја на Македонија. За јавноста да знае дека постојат. Но, нашиот македонски историски наратив со тоа нема да се смени, како што нема да се смени ниту бугарскиот. За историографијата се важни фактите, но важно е исто така да се има предвид дека историјата ја пишуваат победниците, а тие ги толкуваат фактите во интерес на нацијата. И нема земја на светот без сопствен историски наратив. А јазикот на омразата е работа на граѓанско воспитание и поведение. Новинарите можат и мораат да покажат поголема почит кон својот колега од соседството, зашто тие се гласот на јавноста. Можеби идеализирам, зашто знаеме оти и медиумите се под контрола на бизнис и политичките моќници, но вистинските професионални новинари можат да направат таква разлика.
7. Да Ве прашам и уште нешто – во новата влада на Мицкоски, Министерството за надворешни работи ја прифати и надворешната трговија? Што значи тоа, дека дипломатите ќе бидат и трговци? Па ако е така, зошто е овој негативен однос кон Коридорот 8 и пругата кон Бугарија, барем во изјавите на некои Ваши политичари?
Како што вели една македонска песна… „Неразбрани трговци“… Се шегувам, на Балканот трговијата често погрдно се идентификува со „распродажба на националните интереси“ или на „националното благо“ (рудници, земја и сл.). Не, нема да тргуваме со националните интереси, иако тоа во минатото некои го правеа. Но надворешната трговија (foreign trade) е дел од работата на министерствата за надворешни работи на повеќе земји во Европа и во светот. Малите земји како Македонија не можат да водат висока дипломатија, не особено за глобалните теми на војна и мир, но нашите дипломати можат добро да ги засукаат ракавите и да работат на привлекување странски инвестиции и на промоција на македонскиот извоз. Економскиот развој и зголемувањето на стандардот на граѓаните се врвни приоритети на Владата, а дипломатијата може да биде ефикасна и успешна само ако дава свој придонес за тоа. За пругата кон Бугарија актуелната Влада има прагматичен однос. И двата коридора се важни за нас, и коридорот 8 и коридорот 10. Но проектот за пругата од коридорот 8 предвидува да потрошиме половина милијарда евра сопствени средства следната година, пари што нашиот буџет ги нема, зашто е криминално раскрчмен од претходната власт. Мораме одговорно и отчетно да ги трошиме парите на граѓаните и да ги вложуваме онаму каде што можеме да постигнеме подобри резултати и ефекти за нашата економија на побрз рок. Србија гради брза пруга од Будимпешта до Белград, а за трасата од Белград до Ниш обезбеди 650—700 милиони евра од Европската унија и таа брза пруга, над 180 км на час, треба да продолжи до Солун. Ние сметаме дека за нашето стопанство е поголем приоритет да потрошиме околу една третина од средствата што би ги потрошиле на коридорот 8, и да добиеме брза пруга до пристаништето до Солун, кое главно го користат нашите компании. Од пругата со Бугарија не се откажуваме. Ја прочитав и реакцијата на Вашето МНР во смисла дека кај вас постои проект и дека имате сериозни планови и намери да се почне со реализиција на проектот. Но кај вас се потребни неколкукратно помалку пари, зашто вие имате пруга на неколку километри од границата. Главните пари треба да ги потрошиме ние. Очекувам на идни заеднички средби меѓу бугарските и македонските надлежни министри да се зборува и за поголема европска финансиска помош за оваа цел.
8. Да позборуваме и за нашите заемни односи. Кога ги прашувам колегите од Скопје што треба Бугарија да направи за подобрување на односите со Вашата земја, некои ми одговараат вака – Софија да го прави истото она што го прави Белград. Радев да има ист однос кон Вас како Вучиќ. Мене поеади многу причини тоа ми се чини неприфатливо, а Вам?
Претседателите Радев и Вучиќ се различни личности и карактери и секако не можат да го имаат истиот однос кон нас. Дополнително, Вучиќ е претседател на држава со која бевме заедно во југословенската федерација од 1945 г. до 1990 г. и со чии граѓани се изградени блиски односи. Во југословенската држава ги разрешивме најголемиот дел идентитетски прашања кои сме ги имале во минатото со Србија. Пред две години, Српската православна црква ја призна автокефалноста на Македонската православна црква и со тоа падна и последната бариера во меѓусебните односи Белград – Скопје. Мене ми е жал што Бугарската православна црква, од неразбирливи причини, не одговори позитивно на писмото што претходно го беа испратиле од Синодот на МПЦ, да ја разгледа можноста и да прифати да биде мајка-црква заложувајќи се за канонско прифаќање на МПЦ во Цариградската патријаршија. Сепак, сметам оти взаемното почитување и прифаќањето на реалностите може многу да помогне. Се надевам дека новата политичка влада во Софија, по изборите, како и претседателот Радев ќе направат прагматични чекори и дека ќе отвориме интензивен дијалог помеѓу Скопје и Софија за надминување на недоразбирањата. Едно од прашањата се малцинствата. Како што во Македонија живеат Бугари, така и во Бугарија и официјално (според вашиот попис) живеат Македонци, кои имаат свои здруженија, но не можат да ги регистрираат. Меѓу 14-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, има и такви за неколку здруженија на Македонците на кои регистрацијата им е одбиена затоа што наводно претставуваат закана по безбедноста на државата. Навистина е апсурдно во 21 век, здруженија кои сакаат да негуваат фолклор, култура и обичаи, да претставуваат безбедносна закана. Дополнително, во Националниот совет за соработка по етничките и интеграциските прашања на Бугарија се спомнуваат 9 поголеми етнички малцинства (Турци, Роми, Руси, Ерменци, Власи, Каракачани, Грци, Татари, Евреи) и 3 помали – Срби, Черкези и Албанци… Зошто не било имало место и за Македонците?
9. Оваа година се навршуваат 30 години од поставувањето камен темелник на пругата кон Бугарија. Во еден текст предложив овој тажен јубилеј да го одбележиме од двете страни. Како, и јас се уште не знам. Како човек со искуство во новинарството и веќе во политиката, што мислите, дали можеме да направиме нешто заеднички, што ќе ги натера политичарите от двете земји барем да размислуваат повеќе за овој проект?
Во деведесеттите, за време на премиерот Бранко Црвенковски потрошени се над 120 милиони марки за таа пруга, пари кои се денес еквивалент на повеќе од 200 милиони евра, фактички фрлени во ветер, а голем дел завршија и во приватни џебови. Пругата некако станува синоним за неуспехот на Скопје и Софија да изградат поблиски односи во сите области. Но мислам оти пругата денес е помалку важна во интерконекциска комуникациска врска, каква што била во минатото. Не дека не треба да ја изградиме, напротив, таа поврзува значаен коридор, од Бари, Италија, преку Драч, Албанија и Македонија, до Софија и Бургас. По овој коридор исто така може да се движат стоки, иако за нас е поскап, но важен е и за Европа. Сепак, за поврзување на луѓето, за бизнис врските и за туризмот, важни се пред се модерните патишта и бројот на гранични премини меѓу нашите две земји. Дури сега, по три децении, ние ќе добиеме пристоен експресен пат од Скопје до Деве Баир – Ѓуешево. Не верувам дека имало политичка одлука тој пат да не се гради, едноставно, во прашање беше неспособност, јавашлак и негрижа за патиштата. Минатата влада за 7 години не успеа да го изгради започнатиот пат од Кичево до Охрид. А во Охрид доаѓаат и многу бугарски туристи. Но има и обратни примери. Уште од 2010 г. ние ја завршивме нашата работа и од македонска страна беше изграден граничниот премин „Клепало“ што треба да го поврзе Берово со општини од Бугарија. Некои туристички работници аргументираа дека Бугарија сите овие години не сакала да го изгради граничниот премин, за бугарските туристи да го користат домашното Банско и планините и да не патуваат во Берово, Делчево и сл. Не сакам да верувам во таквите приказни, но факт е оти премин се уште нема, и допрва, со средства од ИПА фондот за прекугранична соработка на ЕУ треба да почне да се гради.
10. Не можам да не Ве прашам на крај – што мислите, кога Собранието би можело да ги изгласа измените на Уставот и Бугарите од Северна Македонија да бидат запишани во него? Мене лично никако не ми се бендисува дека тоа е услов над сите други услови за развој на односите меѓу нас кој мора да го чекаме да се разреши. Па, нема ли, господине Димитровски, и други области, во кои можеме да соработуваме како добри соседи и пријатели?
Собранието може и утре да ги изгласа измените на Уставот и Бугарите да бидат запишани во него, но тоа нема да ги реши проблемите во меѓусебните односи и нема да значи крупен чекор напред во интеграцијата на македонската држава во ЕУ. Зошто? Затоа што за нашите граѓани и за нашите политички елити, не е никаков проблем покрај шесте етнички заедници – делови од народи запишани во Уставот, да се запишат уште три, меѓу кои и Бугарите. Ние имаме одлично досие во ЕУ според институционалната заштита на правата на етничките малцинства. Шампиони сме по тоа прашање. Еве, факт е дека во минатата влада, човек кој се изјаснува за етнички Бугарин беше директор на Агенцијата за иселеници. Но голем проблем за нас, за 80 отсто од Македонците, е целиот пакет – Преговарачката рамка и другите придружни документи што ги усвои Европскиот совет, заедно со протоколите, а нашата Влада ги прифати без консултации со опозицијата и граѓаните. Знаете, во тие документи е наведено дека се очекува и охрабрува работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања да заврши пред да станеме полноправна членка на ЕУ. Колку што ми е познато, комисијата нема особен напредок и заглавува на историски теми од доцниот среден век, да не зборуваме за револуционерната борба на крајот од 19 век и сл. Граѓаните со право стравуваат дека Собранието ќе ги донесе уставните измени, ќе ги почнеме преговорите, и за неколку месеци, кога официјална Софија ќе констатира дека нема напредок во работата на историската комисија, повторно ќе употреби вето. А наш интерес не е само да ги почнеме преговорите со ЕУ, туку во догледно време да ги завршиме, да станеме членка. Вака ќе заглавиме веднаш по отворањето на првото поглавје. За нас исто така е многу важно да бидеме оценувани според исполнувањето на Копенхагенските критериуми, владеењето на правото, демократијата, пазарната економија и сл. додека билатералните прашања, особено оние што се однесуваат на историските наративи и идентитетските теми, да не бидат услов за нашето евроинтегрирање. Затоа предлагаме едно од можните решенија да биде – да ги донесеме уставните измени, но тие да важат по ратификацијата на членството на Македонија во ЕУ. Но тоа е само еден предлог, веројатно има и други предлози и решенија. Очекуваме во Софија да се формира политичка влада и веднаш да отвориме дијалог за тоа како да ги надминеме недоразбирањата и грижите. Јасно е оти добрососедските односи се исто така важен критериум за членство во ЕУ, но треба да имаме подадена рака и од Софија.
Инаку, не ни треба решение за крупните прашања, за да соработуваме. Во договорот за пријателство и добрососедство има рамка за соработка во сите области. За жал, по ветото се намалија и туристичките посети во Охрид, во Банско, на Боровец. Не така одамна, пред бугарското вето, националните академии на науките и уметностите од двете земји реализираа дваесетина заеднички проекти, а градоначалниците од двете страни на границата остваруваа успешна соработка. Се надевам дека набрзо ќе ги обновиме врските и контактите.






