За 5 јануари е одложено рочиштето на кое Судот во Солун треба да ја соопшти одлуката во врска со испорачувањето на Горан Грујевски и Никола Бошковски кои од октомври се наоѓаат во притвор во Грција.
Пред два дена, соопштувањето на одлуката за нивна екстрадиција беше закажано за денес, но поради немање судски преведувач кој на македонски јазик би ја превел одлуката на Судот од Солун, по неколку часовна пауза е оставено – за идната година.
Грујовски и Бошковски, осомничени во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ на СЈО, по кои беше распишана и меѓународна потерница беа уапсени во средината на октомври на аеродромот во Солун при пасошка контрола кога било утврдено дека се обиделе да поминат со фалсификувани бугарски пасоши и да отпатуваат во Будимпешта.
Двајцата ги негираат обвиненијата против нив и бараат да не бидат испорачани во Македонија поради, како што пренесе грчкиот сервис на Си-ен-ен, „страв за нивниот живот“ и неможност за „фер судење“ во нивната татковина.
Тие остануваат во притвор, а во меѓувреме чекаат дали ќе им биде одобрено барањето за азил од грчките власти.




