Извонредниот старт на Барселона која во 20 минута имаше водство од 11-4 или пак, лошиот почеток на Вардар во првата третина од мечот во Доха кој беше полуфинале на Светското клупско првенство е причина за поразот на црвено црните кои дојдоа до шанса, до изедначување, но се потрошија бркајќи и немаа сили за финишот. На 10 минути пред крајот беше 24-24, но Вардар, рековме немаше доволно сила во завршницата која и припадна на Барселона. Со тоа македонскиот првак не успеа втор пат во низа да слави над Барселона на еден голем натпревар, по полуфиналето од ЛШ.
Каталонците на крајот славеа со конечни 32-29 и целосно му се реваншираа на македонскиот и европски шампион за поразот во Лигата на шампионите кое се одигра во Келн. Најдобри кај Вардар беа Циндриќ со 7, Борозан даде 6, а Чупиќ 5 погодоци.
За Вардар ова нема да биде последен меч на неофицијалното светско првенство во ракомет, бидејќи утре ќе води борба за третото место во дуелот во кој за противник ќе го има поразениот од средбата меѓу Фуксе Берлин и Ал Сад.





