Некој краде над 60 проценти од струјата, некои ја блокираат Електродистрибуција да ја санира хаваријата во Света Петка

Околу 150 семејства се најдоа во исклучително тешка ситуација во скопското село Света Петка, Општина Сопиште откако селаните поради масовни кражби на струја го урнале системот за дистрибуција на струја.



Селото сега нема ниту вода ниту струја затоа што и пумпите за црпење вода работат на струја.

Причината за хаваријата во ова планинско село оддалечено од Скопје еден час со возило најверојатно се масовните кражби на електрична енергија поради коишто настанал сериозен дефект во дистрибутивната мрежа.

Информацијата ја потврдуваат од општина Сопиште и од Електродистрибуција, која е одговорна за снабдување со електрична енергија во регионот.

,,Поради континуираните нелегални приклучувања и неконтролираното трошење на електричната енергија, денеска настана дефект од посериозни размери во мрежата во сопственост на Електродистрибуција. Во моментов сите корисници од селото Света Петка немаат снабдување со електрична енергија”, објаснуваат од компанијата.

Засега нема надеж дека состојбата брзо ќе се среди затоа што локални селани од страв дека Електродистрибуција ќе утврди кој крадел струја не им дава пристап до селото на екипите на Елстродистрибуција кои отишле да го санираат падот на системот во ова село.

По добиените закани од селани техничарите кои се соочиле со безбедносни предизвици морале да се повлечат од селото.

,,Екипите беа попречени од страна на дел од жителите. Поради вербалните закани и неможноста за нормално работење, екипите се повлечени од Света Петка”, се вели во информацијата од компанијата.

Вакви ситуации во ова село се случувале и предходно.

Повеќе од една деценија се прават напори да се запре со кражбите на струја и сите граѓани да си го платат сметките но договорите со локалните жители траат се додека екипите не го напуштат селото по што продолжува масовната кражба на струја.

Загубите на мрежата односно кражбите на струја во Света Петка се во висина од 2/3 од вкупната потрошената струја а сметките ги плаќа секој 14ти сопственик на броило за електрична енергија.