Некоја нова Америка, некоја нова Македонија

Пишува Драган Милосављевиќ



За среќа или несреќа, живееме во некои многу интересни и несомнено опасни времиња. И треба да се преживее, ако за ништо друго тогаш барем за да има кој во иднина да раскажува. Светот пред еден месец се разбуди со една нова Америка на чело. Претседателот Доналд Трамп без пардон и без чекање тргна да го растура воспоставениот либерален систем, на кој, парадоксално, почива американското влијание врз другите земји од т.н Запад. Брутално, директно, нималку дипломатски ги поставува новите правила по кои САД ќе свири, а останатите ќе играат. За разлика од претходниот мандат, кога беше осамен во намерите, сега се чини дека има снажна поддршка од репубиканците, генерално од конзервативците и најважно од мнозинството Американци на кои им дојде преку глава од политики кои ниту ги сметаат за свои и природни, ниту пак се од каква било корист за нивните животи. Дали ќе издржи во борбата со „длабоката држава“, со децениски создаваните транснационални интересни групи, со воук движењето, со илегалните имигранти, со петтата колона во сопствените редови – допрва ќе видиме.

На многумина, неговиот светоглед не им се допаѓа. На најголем дел од европските челници веројатно им се лоши од стресовите кои секојдневно им ги приредува. За Украинците, пак, тој мора да изгледа како најстрашно чудовиште од старословенските легенди. Но, да бидеме искрени и претходната американска администрација на многумина не им се допаѓаше. И во Европа и низ светот. Но се прилагодуваа сите, што друго можеа да направат? И сега ќе се прилагодуваат тие што не се задоволни, бидејќи што друго можат да направат?

А каде сме ние во оваа каша? Па, изгледа дека се прилагодивме побрзо од другите, што е квалитет на кој не сме особено навикнати. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше една од малкуте на континентот која не криеше дека го поддржува Трамп уште пред изборите. Исто како и македонската заедница зад барата. Ризично, нема што, но ете излезе правилно. А додека по кулоарите и на социјалните мрежи бесплодно се трошеше време на прашања од типот: Каде седел Мицковски на инаугурацијата на Трамп, што јадел, колку души понел со себе, тој отиде повторно и пак уште еднаш во центарот на американската политика и направи разлика. Поканет, а не како падобранец, чисто да биде јасно. Притоа, ризично, не велам не, зборуваше пред кремот на американската и западноевропската конзервативна политика и кажа нешта кои досега никој наш не се осмелил отворено, особено на таква сцена, да ги каже. Дека Европа има двојни стандарди кон нас, дека не затрупаа во условувања поврзани со каприците на нашите соседи, но и дека ние нема да ги прифатиме тие уцени. И она што ми се чини најважно, Мицкоски успеа да добие поддршка од овие светски „тешкаши“, потврдувајќи дека врските со нив и покрај сите сомневања на неверните Томовци, навистина се воспоставени и забрзано се развиваат. Едноставно речено, примени сме на масата, макар и како гости, но нема да бидеме на менито. Што е, ќе се согласиме, квалитативна разлика во однос на лигавата политичка логика на претходната власт, која, о какви маченички типови, самата се нудеше да бидеме дел од ручекот.

Нормално и за очекување е дека тој успех на актуелната власт нема да им се допадне на истите „маченици“. Впрочем тие полни 30 години живеат како бубреџиња во лој благодарејќи на клеветите кон конзервативците во Македонија. Излапаа едно чудо ручеци, патувања, пари од истата таа Америка (УСАИД) дерејќи се на цел глас дека само тие се „проамериканци“ а овие другите, небањатите и небричените се саде со пушката на готовс и со бомби малихери накитени само чекаат да удрат по бедемите на американската демократија. И сега, нема веќе пари. Нема рачиња, нема ни колачиња. Па во очај се редат клетви, пцовки, навреди. Трамп е неписмен, Маск е расист, Венс за доручек јаде деца од градинка, за ручек му носат тазе печен демократ на ражен. Глупава тактика, но не се мали, самите си знаат што прават. Да ги жалиме или да се чудиме дека три децении ја благословувале Америка само поради парите, а не затоа што навистина веруваат во нејзините вредности, прашање е сега? При што, да не заборавиме, нивната „работа“ беше толку успешна и толку фанатично се преставуваа небаре лични гласници на Бајден, Обама, Буш, Клинтон та им појде од рака најголем дел од „рајата“ токму заради нив да создаде негативна слика за САД.

Но доста за плачковците. Важно е дека ние сме партнери со Америка. Одамна. Врските потекнуваат од времето на Рузвелт (првиот), а од независноста наваму само се продлабочуваат. Тоа не е пријателство во класичната смисла на зборот бидејќи САД се супер сила а ние сме прилично малечки и односите ни се засновани на реалните околности. Нивните интереси и нашето прилагодување кон истите. Не е убаво но така стојат работите. И затоа беше важно што и со досегашната американска администрација имавме одлична комуникација, како и со сите претходни. Дури и кога, како во 2001 година, Вашингтон не беше фер кон нас. И пак да останеше друштвото на Бајден, односно да победеше Камала Харис сигурно ќе соработувавме пристојно. Но ете со Трамп добивме отворен прозорец за нешто повеќе. Ако сме мудри и стрпливи, нема зошто тоа да не го искористиме максимално во сопствена корист. Еднаш и нас да ни тргне!