Неказнивоста на судството ни уби бисер од дете, врвен дизајнер, рече таткото на Фросина

Неготинци се простија од нивната сограѓанка Фросина Кулакова, која завчера беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Родителите, роднините, пријатели, другарки со протест на плоштадот во Неготино ја испратија младата Фросина на вечното почивалиште. Скршени од болка, родителите и сестра ѝ им се заблагодарија на сограѓаните што се собраа во толкав број за да го искажат нивниот револт од трагичниот настан. Таткото вели дека овде се работи за убиство.



„Ова наше правосудство е коренот на сите наши проблеми, протежира неказнивост кое потоа се одразува на сите сфери во животот. Имаме ли неказнивост, имаме тотален распад во системот, во државата. Не само во сообраќајот, туку и во другите сфери. Последиците ги трпат децата. Тој губитник по сите мерила на животот кој го направи ова, влезен во некој лош филм, ни уби бисер од дете, врвен дизајнер. Сѐ поради таа неказнивост“, кажа низ солзи таткото Тодор Кулаков.

Возејќи пијан со брзина од 120 км/ч, минувајќи на црвено на пешачки премин, осомничениот Васил Јованов ја прегази Фросина Кулакова во средата вечер на Партизанска во Скопје. Жителите на Неготино бараат правда за Фросина. 


Меѓу бројните присутни беа и родителите на Викторија Николова, Славе и Сузана од Радовиш. Тие дојдоа да им дадат поддршка на родителите на Фросина.

Линк до целиот текст.