Директорот на Детска клиника, Реџеп Мемеди, комплетно ја негира првичната теза што ја нафрли семејството дека врз нивното тримесечно бебе било извршено „физичко насилство“ од страна на медицинската сестра со 15-годишен стаж на Клиниката, поради тоа што наводно родителите не знаеле македонски, пишува Слободен печат.
Лекарите од Детската клиника вчера на бурен состанок со директорот Мемеди му најавија бојкот и рекоа дека нема да учествуваат во комисија за утврдување како настанале модринките кај тримесечното бебе што беше хоспитализирано таму.
Почнува разврската со повреденото бебе на Детска клиника
Мемеди за сајтот „Портал Икс“ синоќа изјави дека немало никаква намера да се повреди бебето. Случајот на таков начин се затвора и од обвинувања за физичко насилство, преминува во фаза – недоразбирање.
Семејството ја обвини сестрата дека намерно физички го повредувала бебето, затоа што неговата мајка не зборувала македонски јазик.
„Вистината е дека воопшто немало намера да се повреди бебето. Ова се случило во една процедура за земање крв за анализа. Обично работат две сестри. Едната ја фиксира раката за да се земе крв.
Можеби поради механичката фиксација со рака, се случило да се појави хематом на десната рака на бебето. Констатирав дека според сите информации и околности, извор на ова недоразбирање е вербалната комуникација која можеби не е како што треба.
Оваа комуникација подоцна отворила дилеми кај родителите на детето дека можеби овој пристап е со други мотиви“, рече директорот Мемеди за „Портал Икс“.






