Иако пред некој ден беа изгласани измени во Кривичниот законик со кои се санкционира фалсификување и нелегално продавање билети и натаму на социјалните мрежи можат да се најдат повеќе понуди на карти за мечот на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед чија цена достигнува и илјада евра. Се чини дека препродавачите не се премногу загрижени, ги нудат картите со име и презиме, но и ги смируваат потенцијалните купувачи дека ќе немале проблеми при влез на натпревар, односно дека ќе се проверувале само бар кодовите. Некои, пак, од купувачите и покрај тоа што знаат дека можеби ќе имаат проблеми на врата, се надеваат дека во целата таа гужва и процедура за проверка можеби ќе успеат да влезат и да бидат дел од спектаклот.



Билетите се персонализирани потсетуваат од УЕФА, ќе можат да влезат само лицата чии имиња се наведени во апликацијата, а ќе треба да приложат и документ за идентификација, како лична карта или пасош. Во Европската фудбалската асоцијација и во нејзините кодекси јасно пишува дека сите навивачи треба да се воздржат од купување билети од неовластени продавачи, агенти или веб-страници, бидејќи таквите билети можат да бидат фалсификувани или невалидни, и на купувачот на истите тие билети нема да му се дозволи влез на стадионот.

Инаку продажбата на билетите чија цена варираше од 15 до 50 евра се одвиваше преку интернет страницата на УЕФА. голем контингент карти добија навивачите на двете екипи, а дел од луѓето што ќе бидат присутни дојдоа до гратис карти од официјалните спонзори или преку наградни игри.

Недозволената трговија на билети за Супер купот, според новите измени во Кривичниот законик, веќе е кривично дело и подлежи на парични глоби, односно казна затвор до една година. Лицата од организирана мрежа на препродавачи можат да се казнат со затвор до 3 години