Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Драги Кушовски во интервју за МИА потврди дека во моментов има недоволен број на автобуси за пополнување на возниот ред и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.



Возниот ред се менува во зависност од тоа со колку автобуси располага ЈСП на дневна основа, вели Кушовски, посочувајќи дека претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред.

Во моментов, вели, ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред потребни се 235 автобуси, вели Кушковски.

„Се надевам дека институциите ќе најдат сили да му помогнат на ЈСП, бидејќи со овој возен парк со кој што располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот зимски возен ред. Ние не сме ни од далеку близу да го покриеме тој зимски возен ред. Правиме некои оптимизации во рамките на претпријатието, не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали ќе имаме доволно време да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје“, вели Кушовски за МИА.