Собранието денеска ќе ја одржи втората седница, на чиј дневен ред е реорганизацијата на министерствата – Законот кој по скратена постапка го поднесе Христијан Мицкоски, сега веќе мандатар за состав на нова Влада.
Како што стои на собраниската веб страница на дневен ред на оваа седница се и две други точки – Верификацијата на мандат на пратеници во Собранието на Македонија и Предлог на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието.
Собранието треба дополнително да го утврди мандатот на кандидатот за пратеник на пратеничката од шестата изборна единица Имрлије Салиу-Фетаи по прегласување на неколку избирачки места на 22 мај во оваа изборна единица. Верификацијата најпрвин треба да помине на собраниската Верификациона комисија.
Со Законот се предвидува формирање на Министерство за енергетика и Министерство за спорт, како и реорганизација на надлежностите на постоечките министерства. За ова е потребно двотретинско мнозинство, за кое Мицкоски посочи дека е обезбедено. Веќе од понеделник, се очекува да има гласање по оваа точка.





