На Македонија ѝ дадовме картбланш за ЕУ, се жали бугарски професор

Со потпишувањето на договорот за добрососедство со Република Македонија, фактички не ги прочистивме меѓусебните разлики, туку едноставно ѝ дадовме картбланш (на Македонија) да се приклучи кон ЕУ и фактички да продолжи со политиката што ја водеше досега.



Потпишувањето на овој договор беше грешка, вели политикологот и професор на Софискиот универзитет, Стојче Стојчев во емисијата „Светот е бизнис” на една бугарска телевизија.

Стојчев објаснува дека кога се правеле компромиси, тие морало да бидат направени од двете страни.

Во овој случај, единствениот компромис што беше направен беше потпишувањето на овој документ од страна на Бугарија, со што се откажа од „формалните инструменти за притисок врз одредени прашања“.

Нема никакви апсолутни отстапки од македонската страна, а обврските од Договорот тешко може да се исполнат, смета професорот на Софискиот универзитет.

„По големата еуфорија околу потпишувањето, дали сте слушнале нешто за конкретната меѓусекторска експертска комисија?

Дали оваа комисија ќе се состане наскоро, во следните 5-10 години?

И дури и ако се состане, дали ќе постигне некој резултат?

Отсега можам да ви кажам дека таа ќе личи на една нормална анкетна комисија во бугарскиот парламент, која има за цел да замачка нешто, а не да се открие факти “, рече Стојчев.