За една година, за 80,15 проценти е зголемен бројот на измамите направени во трансакциите со картички. Предизвиканата штетата во 2024 е повисока за сериозни 135,27 насто споредено со вкупната сума од 2023 година. На удар, како што пишува порталот „Пари.мк“, најчесто се граѓаните, а „мека“ за дубарите од овој вид се онлајн нарачките, односно е-трговијата. Случаите во кои се изиграни фирми, освен што се изразито помалубројни, бележат и пад. Всушнот, надолни движења нема многу во статистиката на Народна банка, во сегментот – Измамнички иницирани платежни трансакции коишто ги вклучуваат немонетарните ФИ (физички и правни лица).

Порталот Пари направи споредба и ги анализираше податоците за 2023 и 2024 година. Ако се има предвид дека во функција се 1.921.914 платежни картички, од кои 1.865.731 им припаѓаат на граѓаните, а 56.183 на правните лица, тогаш може да се каже дека процентот на измамите е низок. Конкретно, регистрирани се 10.402 измами, што претставува 0,54% од сите картички што се користат. Но, ако се погледне состојбата од 2023 година и тогашните 5.774 измамнички иницирани трансакции, тогаш е воочливо дека оваа појава зема замав. Уште повеќе, кога ќе се споредат износите: 693,1 илјади евра лани и 294,6 илјади евра преклани.

Минатата година биле измамени 9.891 физичко лице. За 87,01% повеќе од 2023 година, кога плаќајќи со картичка биле „изгорени“ 5.290 лица. Кај правните лица ситуацијата е сосема поинаква. Од 608 измамени преклани, лани бројката се спуштила на 511. Падот е означен со 15,95 проценти.
Сите тие биле изиграни за вкупна сума од 693,1 илјада евра. Многу во споредба со претходното салдо од 294,6 илјади евра. Притоа, граѓаните биле оштетени за 589,7 илјади евра. Износот е за 151,17 насто повисок од регистрираниот во 2023 година – 234,7 илјади евра. Раст, но сепак, помал, од 72,82%, има и кај измамите направени при плаќањата со картички од страна на фирмите. Изразено во евра – 103,4 илјади (2023 – 59,8 илјади евра).

Како што наведуваат од Народната банка, поделбата на податоците за измамнички иницираните платежни трансакции е направена според платежните услуги на: кредитни трансфери, директни задолжувања, платежни трансакции засновани на картичка (со исклучок на картичките со функција на електронски пари), платежни трансакции со електронски пари, парични дознаки и други платежни услуги.
Интересно е тоа што најмалку се мамат клиентите преку кредитните трансфери, и тоа исклучиво во електронската варијанта. Во хартиена форма – нема измами. Повеќе на порталот „Пари.мк“.





