„Чичко Блерим Рамадани, добре дојдовте дома во нашиот роден град! Не сме ние виновни зошто му пречат некому војната и слободата на Косово. Ослободителе, доживотна почит кон вас. Ќе бидеме заедно засекогаш.“ – напишал на својот фејсбук-профил Косовецот Несрет Шасивари денеска, на 15 август 2024 година околу 16 часот, со намера да потврди и со приложена заедничка фотографија со Блерим Рамадани, дека овој поранешен припадник на косовската УЧК веќе се наоѓа во својот дом во Косово, откако избегал од куќниот притвор во општината Чаир, во Скопје. Објавата на Шасивари би требала да значи дека Блерим Рамадани, наводно, веќе бил пребеган и стасан во Косово денес, на 15 август околу 16 часот. Но, ТВ 21 и други медиуми на албански јазик во Македонија и регионот ја пренесуваат фејсбук-објавата на Шасивари и неговата објавена фотографија со Блерим Рамадани под назнака „останува непотврдено дека Рамадани избегал и оти е во Косово“!
ТВ 21 објави: На општествените мрежи е објавена фотографија, на која му се посакува добредојде на поранешниот припадник на УЧК во неговиот дом во Косово. Лицето на фотографијата со Рамадани, прашано од ТВ21, не негира дека фотографијата е направена денеска, туку вели оти Блерим Рамадани е дома, на Косово. Но, тој додаде дека ‘не е должен да дава такви информации’. Оваа фотографија доаѓа по официјалната информација на властите во * Македонија, кога беше соопштено дека Блерим Рамадани избегал од домашен притвор и оти против него е распишана потерница. Членовите на семејството, соборците и роднините на Рамадани во различни медиуми го изјавија истото – дека Рамадани избегал, бидејќи имал информации оти ќе биде вратен од домашен притвор во притвор, за да биде испорачан во Србија. Но, ова останува непотврдено!“
Инаку, Блерим Рамадани требаше да се наоѓа во куќниот притвор во Чаир до утре, 16 август, „до одлуката за испорачување во Србија“, како што беше наведено во судското решение за притвор. Србија го бараше Рамадани преку Интерпол со потерница, поради „сторени воени злосторства врз цивили во Косово во војната во 1999 година“. Рамадани беше уапсен на граничниот премин Јажинце, во тетовскиот регион, на границата со Косово.
Потврда за бегството на Рамадани пристигна и од полицијата, од каде што тврдат дека се трага по него. „Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница по Б.Р., бидејќи во моментов е недостапен за органите на прогонот. МВР презема мерки за негово пронаоѓање.“ – изјавија од Министерството за внатрешни работи.





