Македонски новинари светскиот ден на демократијата го прославија со јавно закажување тепачка.
Физичкото насилство како модел за решавање на проблемите го закажаа уредникот на весникот Слободен Печат и порталот Плусинфо Бранко Геровски и новинарот Тодор Пендаров кои што в понеделник пред кафулето Манда во центарот на Скопје ќе ги расчистуваат своите нерасчистени прашања.
Во пост на социјалните мрежи Геровски вчера напишал: „ПОКАНЕТ СУМ НА ТЕПАЧКА ПРЕД “МАНДА” ВО ПОНЕДЕЛНИК ВО 12 ЧАСОТ – ДОАЃАМ!!!“
„Сакам да ги известам сите заинтересирани дека по уредно пријавената закана што ја добив од Љупчо Палевски, во пост на неговиот ФБ профил, тој сега, повторно со пост на неговиот профил, ме кани во понеделник во 12 на тепачка во “Манда”.
Еве, јавно обзнанувам дека во назначеното време ќе бидам ПРЕД “Манда”, но не ВО “Манда”. На газдата Маниќ му ветив дека нема да му го бербатам локалот.
Тодор Пендаров во закажаното време да биде присутен, бидејќи јас него го барам. Како ќе се однесува Палевски, тоа е негов проблем. Веројатно и проблем на институциите.
Значи, се гледаме пред “Манда” во понеделник во 12 часот“, напишал Геровски на својот профил на Фејсбук.
Најавената пресметка е закажана откако Геровски во преписка на социјалните мрежи го обвини Пендаров дека изнесол лаги во врска со настани од минатото во кои биле вклучени тој и неговата сопруга.
Предходно Пендаров му се обрати на Геровски во врска со неговата преписка со Гоце Михајловски кој си замина од ТВ Нова.
Според најавата на Геровски тој до МВР ги пријавил заканите кои преку фејсбук му ги упатил Љупчо Палевски – Палчо, некогашен сопственик на ТВ Скопје и претседател на градската организација на СДСМ во Скопје во времето на Бранко Црвенковски.
Палевски пред десетина дена беше приведен од страна на полицијата на барање на СЈО. Беше пуштен на слобода по испрашување од страна на полицијата во врска со прислушувани материјали кои што беа објавени на Јутјуб.





