Во редовите на Исламска држава во Сирија и Ирак во последниве 3 години заминале најмалку 5 Албанки од Македонија, тврдат извори во безбеносните служби.
Тие немаат точни информации дали некоја од нив во моментов е дел од единиците кои што со оружје во рака се борат за формирање на „Исламски калифат“ или се дел од логистичките единици, но постојат сознанија дека две од нив добиле воена обука по пристигнувањето во Сирија преку Турција.
Пред 3 години во Сирија на страната на ИСИС замина и една 15 годишна Македонка која што била регрутирана во Белгија каде што дошла во контакт со членови на ИСИС. Македонката која во моментов има 18 години веќе не е дел од радикалната исламска организација но таа не живее во Македонија.
Ниту една од македонските државјанки со албанско етничко потекло досега официјално не побарала помош од државата за да се врати назад во Македонија, што е чест случај во другите балкански земји.
Дел од Албанките од Македонија во ИСИС најверојатно се дел од Балканската група која брои околу 110 жени борци а во неа како што вчера соопшти Косовскиот центар за безбедносни истражувања (ККСС) се борат 44 жени од Косово и 60 од Босна и Херцеговина.
Според Центарот, најпознатата Албанка од Косово меѓу џихадиститее Џамиле Тахири (23), која раководи со камп за обука на жени џихадистки во Сирија и е сметана за една од најрадикалните жени-борци на ИД.
Како што јави Танјуг, под нејзин патронат во редовите на ИД се дојдени десетици Албанки од Косово, Албанија и Македонија. Нејзина десна рака е Лаура Хисени, исто така, од Косово, која во групата ги довела и својот сопруг и брат.
Македонските служби за безбедност досега не објавиле дали меѓу повратниците во земјава од фронтовите во Сирија и Ирак чија бројка се движи меѓу 75 и 90 луѓе има и повратници жени.





