Објективот на Плусинфо „улови“ некои активности во Градскиот парк, на местото на поранешниот Луна парк. Како што може да се види на фотографиите поставени се два рингишпилa, вратено е старото вовче, а другите реквизити одамна се тргнати. Беше најавувано дека ќе биде изграден современ и модерен парк, но од него нема ниту трага, ниту глас.
Во просторот на поранешниот Луна парк може да се забележат лица вработени во ЈП „Улици и патишта“ кои најверојатно биле ангажирани да ги постават павер елементите.
Пред речиси две недели прашавме во Град Скопје што се случува во Луна паркот, кои, колку и какви реквизити ќе се поставуваат, кога е планирано отворање на паркот. Прашавме и за тоа зошто досега ништо не се случува со овој проект иако градоначалничката Данела Арсовска неколку пати најавуваше обнова на Луна паркот. Но одговор од градоначалничката Арсовска и од нејзиниот кабинет не добивме.
За потсетување, Данела Арсовска во својата програма за изборот на градоначалник на Скопје го вети најдобриот Луна парк на Балканот кој ќе биде отворен во првите две години од нејзиниот мандат. Со оглед на тоа што помина повеќе од половина од нејзиниот мандат сè уште не е започната изградбата на Луна паркот.
„Спомените од скопскиот Луна парк не смее да останат само спомени. Затоа планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот. Освен за најмладите, овој парк на скопјани ќе им понуди содржини на сите возрасни категории. Останатите два забавни парка се планирани во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство“, беше наведено во нејзината програма за градоначалник.
Целиот текст прочитајте го тука.





