Пред избори може да се ветуваат и брда и долини, ама на крај како ништо да не се кажало, секој си тера по старо. Домашните експерти воопшто не се изненади од тоа што за време на предизборните кампањи се зборува за излегување на земјава од Отворен Балкан. Аналитичарот Јовановиќ, за Телма појаснува дека со тоа партиите од албанскиот политички блок сакаат да ги соберат гласовите од граѓаните кои се незадоволни затоа што Косово не е дел од оваа иницијатива. Анкетите во БИХ и Црна Гора покажале дека добар дел од граѓаните сакаат да бидат во Отворен Балкан.

Правниците кои ги контактираше Телма објаснуваат дека во услови на техничка Влада може да се одлучува за повлекување на земјава од Отворен Балкан, но меѓународните договори кои се потпишани се ратификувани и поминати во Собрание и тие ќе продолжат да важат. Откако, првично претседателскиот кандидат Арбен Таравари во својата програма вети повлекување на Македонија од иницијативата Отворен Балкан, сега и шефот на дипломатијата и кандидат за претседател на ДУИ, Османи најави дека на владина седница ќе предложи повлекување на земјава од оваа иницијатива со образложение дека ако се покаже дека Белград стој зад инцидентот во Бањска во тој случај го прави продолжувањето невозможно затоа што идејата на Отворен Балкан е поинаква. Односно преку иницијативата Србија и Косово треба да воспостават дипломатски односи.

Со ова практично Опен Балкан влезе во претседателската кампања. Од друга страна пак Вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ, одговори дека иницијативата не треба да се политизира и сите договори кои се за доброто на граѓаните мора да продолжат.
Последно со Отворен Балкан се отвори пазарот на трудот. Според, податоците од МИОА, над 70 граѓани од Србија и Албанија поднеле барање за работа тука. Од земјава пак речиси 1.400 граѓани извадиле потврда за идентификација, но не значи дека ќе заминат на работа таму. Тие за сега го имаат направено само првиот чекор. Се потпишаа и договори кои треба да го олеснат протокот на стоки и граѓани, а беа организирани и саеми за прехрамбени производи. Оваа иницијатива беше формирана летото 2021 година.





