Најавена системска борба против сивата економија

фото: МКД.МК

Сивата економија е нелојална конкуренција за регистрираните е-трговци чии интереси ги застапува Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Истата најчесто се маниферстира преку нарачки на социјалните медиуми, при што потрошувачите се многупати оштетени и не се во можност да ги остварат своите потрошувачки права. Тоа пак е од друга страна во интерес на ОПМ која ги штити потрошувачите.



Ова го истакнаа претседателките на двете организации кои потпишаа меморандум за соработка.

Во соопштението се вели дека асоцијацијата за е-трговија во изминатите неколку години презема активности за адресирање на овој предизвик, а главниот фокус во последната година е ставен на само-заштита односно апелирање и едуцирање на потрошувачите. АЕТМ и ОПМ планираат да организираат заеднички активности со цел да влијаат на намалувањето на сивата економија во е-трговијата, да ги едуцираат потрошувачите како да ја избегнуваат сивата економија и да го поттикнат купувањето на интернет од регистрирани е-трговци со цел да се поттикне дополнителен раст и развој на е-трговијата во Македонија.

Во меморандумот се наведува дека АЕТМ и ОПМ ќе разменуваат информации од заеднички интерес, ќе соработуваат на иницијативи и проекти поврзани со е-трговијата и заштита на потрошувачите, ќе споделуваат тековни и нови искуства, ќе разменуваат професионални совети и ќе придонесуваат за развој на соодветни програми од областа на е-трговијата и заштитата на потрошувачите.

„Сивата економија во е-трговија, како еден од предизвиците за развој на е-трговија е во фокус на годишната програма на АЕТМ веќе неколку години. Неодамна го унапредивме единствениот регистар на е-трговци кој ги содржи сите регистрирани е-продавачи. Потоа, беџот за верификуван е-трговец е уште една алатка која на потрошувачите им дава сигнал дека се работи за регистриран и проверен е-трговец. Нашите напори ги насочуваме и кон апелирање за само-заштита од страна на потрошувачите за да не се доведуваат во ситуации кога се измамени, кога не добиле фискална сметка или фактура, кога не можат да го остварат правото пред институциите или пак да стапат во контакт со продавачот за поврат на пратката. Платформата за беџот содржи и листа со надлежни институции каде потрошувачите може да се информираат за надлежностите на институциите и соодветно да поднесуваат поплаки. Верувам дека секогаш со здружени напори можеме да направиме многу повеќе, така заедно со ОПМ верувам дека ќе успееме да реализираме заеднички активности и да придонесеме заедно повеќе кон оваа значајна тема“, изјави претседателката на АЕТМ, Ангеловска Станков.

Целиот текст прочитајте го тука.