Национален совет за евроинтеграции: Да продолжи процесот на Реформската агенда

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции го презентираше напредокот во рамки на Реформската агенда, вклучувајќи клучни закони и политики кои се во согласност со европските стандарди и кои придонесуваат за побрза интеграција на нашето општество кон Европската Унија.



Андоновски информира дека досега се донесени четири закони кои се во надлежност на Министерството за дигитална трансформација.

-Имам од една страна предизвикувачка задача, а од друга страна малку полесна од останатите колеги, затоа што станува збор за навистина комплексни закони и промени во однесувањето и на институциите и на јавната администрација, но и во приватниот сектор, но во исто време ова не се политички прашања. Многу често се прашања за севкупен напредок на македонското општество. Станува збор за измени на четири закони, односно донесување на два целосно нови закони и измени и дополнувања на два други закони. Првиот закон на кој сум особено горд е Законот за безбедноност на мрежи и информациски системи. Тој потекнува од нашата прва задача во реформската агенда. Тоа е воспоставување на сеопфатна рамка за сајбер безбедност. Првиот елемент веќе го завршивме со успех и тоа беше дел од нашиот прв ангажман. Ја донесовме националната стратегија за сајбер безбедност целосно усогласен со нашите европски и евро-атлантски пријатели кон крајот на декември 2024 година. Ние сме единствената држава која што за жал сите овие години нема донесено ваков закон. И ова е првпат поставување на оваа законска рамка за сајбер безбедност. Овој закон е во владина процедура и е усогласен со НИС 2 Директивата и се уште е достапен како нацрт верзија на ЕНЕР. Финалната фаза очекувам да биде подготвена до наредната недела и донесена на Влада, рече Андоновски на дебатата за Статусот на реализација на Реформската агенда на Република Северна Македонија (2024-2027), идни чекори и предизвици.

Вториот закон, како што потенцира, целосно нов законот за електронски комуникации кој што се усогласува со КОД Директивата на Европската унија и кој треба да го овозможи и да го олесни поставувањето на дигитална инфраструктура. -Направивме дополнителен напор за измени во Законот кои се донесуваат на наодите на Уставниот суд за да не се доведеме во ситуација да настане некој вакуум со поништување или укинување на одредби на Уставниот суд кои беа во врска со Законот за електронски комуникации. Очекувам овој Закон во почетокот на јуни да влезе во собраниска процедура, рече тој.

Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги ќе значи овозможување на електронски идентификација на граѓаните. -Ова е навистина важно затоа што ќе ни овозможи создавање на дигитален паричник, кој ќе значи дека сите документи на граѓаните ќе можат да бидат достапни во електронски формат, а потоа да воведеме и електронско дигитално потпишување за граѓаните, рече Андоновски.

Четвриот закон е Законот за архивска дејност, кој, како што нагласи Андоновски, не е усогласување исклучиво само со ЕУ директива или регулатива, туку станува збор за овозможување на електронско архивирање.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска на седницата порача дека Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан повеќе не е документ на хартија, туку дневна обврска на институциите и техничка рамка на конкретни реформи во повеќе сектори. Муртезани истакна дека повеќе не сме држава која само ја планира европската интеграција, туку ја спроведува истата.

-Денеска зборуваме од позиција на конкретни резултати. Зборуваме од позиција на искуство, одлучност и структурирана работа која ја трансформира реалноста. Северна Македонија повеќе не е земја што само ја планира европската интеграција, ние веќе ја спроведуваме. Нашата Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан, веќе не е документ на хартија, таа е дневна обврска на институциите, мапа на движење на политичката визија и техничка рамка на конкретни реформи што го менуваат начинот на функционирање на јавниот сектор, деловната заедница, судството, образованието и енергетиката. Северна Македонија веќе го доби признанието од Европската Унија како прва земја од регионот што доби предфинансирање согласно Планот за раст. Тоа не е симболичен гест, туку директно признание дека оваа Влада знае како да креира, презентира и спроведува реформи кои се кохерентни, кредибилни и мерливи, истакна Муртезани.