НАТО, сепак, има план Б за Македонија ако името не се реши до јули?

Наспроти пораката од генералниот секретар Јенс Столтенберг неодамна во Скопје дека за членство на Македонија во НАТО не постои план Б ако не се постигне договор за името со Грција до самитот во јули во Брисел, српскиот историчар Александар Раковиќ го тврди обратното.



Според него, Алијансата има начин да влезе во Македонија и без договор меѓу Скопје и Атина.

„Постои можност американски трупи да влезат во Република Македонија врз основа на некаква билатерална спогодба. Или НАТО-пактот да влезе во Македонија врз основа на некоја спогодба, како што беше во 1990-тите, кога Македонија го повика НАТО да ги чува нејзините граници од Србија, која воопшто не ја загрозуваше. Тоа беше бесмислено. Или како што тоа беше околу признавањето на независноста на Тајван, кога Обединети нации се повлекоа, за НАТО повторно да влезе и да биде присутен тука во време кога траеше војната против СР Југославија“, изјави тој во интервју за Радио Спутник.

На прашањето која би била причината сега за Скопје да го повика НАТО за да ги чува границите на Македонија, Раковиќ го посочи премиерот Зоран Заев.

„Кога имате таков премиер како што е овој, не мора да постои никаква посебна причина. Него само, едноставно, можат да го убедат дека тој треба да го направи тоа, неговата Влада да ги повика нив за да бидат присутни на некој начин. Не мора да има никаков повод за тоа. Тој е човек со многу скромен дострел, така што лесно ќе го убедат да стори што и да посакаат тие“, одгвори вишиот научен соработник на белградскиот Институт за понова историја на Србија.

Раковиќ не верува дека Македонците и Грците се пред договор за името, нарекувајќи ги спинување медиумските извештаи за тоа, бидејќи „за Грците тоа е толку силно национално прашање што не постои притисок на кој тие би подлегнале и би попуштиле“.