Министрите за одбрана на НАТО денеска и утре, во Брисел одржуваат разговори околу постигнување договор за поддршка на Украина со обука и долгорочни финансиски средства.



На прес-конференција пред состанокот, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика сојузниците „да го одобрат планот НАТО да ја води координацијата на безбедносната помош и обука во Украина“.

Столтенберг претходно изјави дека на земјата и се потребни најмалку 40 милијарди евра годишно.

Проектот е главен дел од одбранбениот пакет за Украина што НАТО, алијанса од 32 земји, сака да го одобри на самитот на лидерите на алијансата во Вашингтон во јули, пренесува бугарски „Сега“.

Целта е да се пренесе одговорноста за координирање на воената помош за Украина од неофицијалната структура предводена од САД наречена Контакт група за одбрана на Украина на формалните структури на НАТО.

 НАТО договори ново име за обуката. Наместо мисијата на НАТО во Украина (МНУ), иницијативата ќе се нарекува Помагање на сигурноста и обуката на НАТО за Украина. 

Повеќето сојузници го поддржаа името Мисијата на НАТО во Украина, но германската влада тврдеше дека тоа може да биде погрешно протолкувано и да значи дека Алијансата имала намера да испрати војници во Украина и може да биде искористена од Русија за пропаганда против Алијансата.