Тодор Циповски-Мерџан е македонски партизан, првоборец и народен херој. Денес се навршуваат 104 години од неговото раѓање. По априлскиот напад врз Кралството Југославија во 1941 година активно учествувал во собирање на оружјето и организирање на народноослободителното движење. Во 1942 г. бил назначен за секретар на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија окупиран од Италија. На 19.8.1943 година во неговата куќа била одржана Првата седница на ЦК на КПМ. Од септември 1943 г. е секретар на првиот Областен комитет на КПМ за Западниот дел на Македонија, а од октомври 1943 г. е член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и потоа бил делегат. Загинал во борба со балистите.
Тодор Циповски е роден на 16 ноември 1920 година во Тетово. Завршил вечерно трговско училиште во Белград. Откако се истакнал во демонстрациите против тогашните власти, во 1940 година бил примен како член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Во почетокот на 1941 година, по 27-мартовските демонстрации во Белград, бил уапсен од белградската полиција. По капитулацијата на Југославија во април 1941 година Тодор бил пуштен од затвор и се вратил во Македонија. Се преселил во веќе окупираното Скопје и таму се вклучил во партиска работа, организирајќи собирање оружје за востанието. Во јануари 1942 година, поради неговата активност, бил примен во Комунистичката партија на Југославија (КПЈ).
Од Скопје бил распореден да врши илегални партиски работи во Тетово. Во јули 1942 година Тодор станал член на Окружниот комитет на КПЈ за Западна Македонија, која била под италијанска окупација. Кон крајот на 1942 година станал секретар на Окружниот комитет. Пролетта 1943 година има големи заслуги во формирањето на мавровските и тетовските партизански одреди. Како секретар на Тетовскиот окружен комитет бил организатор на првиот состанок на ЦК на КПМ во Тетово на 19 март 1943 година.
Во јуни 1943 година паднал во рацете на италијанската полиција. Бил подложен на тортура, но ништо не признал. Веднаш по капитулацијата на Италија во септември 1943 година станал секретар на Реонскиот комитет на КПМ со седиште во ослободениот Дебар. Често одел на терен и работел на зајакнување и проширување на Народноослободителното движење. Од октомври 1943 г. Тодор е член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и во август 1944 година бил делегат на Првото заседание на АСНОМ.
На 19 септември 1944 година Тодор бил на теренот на Горња Река со помала група дејци. Кога влегле во селото Беличица, набрзо тоа било опколено со силни балистички единици. Во борбата што следела, бранејќи го селото загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред. По борбата балистите убиле 17 жени, деца и старци, а потоа го запалиле селото до темел. Четворица партизани биле заробени, од кои двајца биле стрелани два дена потоа во Тетово.
Меѓу загинатите партизани бил и Тодор Циповски Мерџан. Со указ на Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ на 5 јули 1951 година е прогласен како народен херој.
Преземено од „Македонска нација“





