Економски раст од 2,3% и инфлација до 3,5% годинава. Народната банка ги намали проекциите за перформансите на македонската економија. Причините главно се лоцираат во послабите остварувања во првите 6 месеци и намалената побарувачка од странство.

Годинава инфлацијата повисока од економскиот раст. Проекциите на Народната банка се 2024 да се заврши со раст од 2,3%. Ова е пониско од априлските проекции, приближно на очекувањата на Владата. За следната година пак прогнозите се економијата да порасне за 3,3% пониско од оптимистичките најави на Владата од 3,7%. Како проблеми за домашната економија се посочува лошата состојба во Германија и намалените нарачки од странство. Очекувањата се инфлацијата да биде 3, 5 проценти, а следната да се намали. Но, ризици се уште постојат. Со новите покачувања, ставката плати во јавниот сектор во новиот буџет тежи над 900 милиони евра. Ваквите одлуки можат да ја подгреат инфлацијата. Затоа од банката предупредуваат да се внимава со домашните политики.
- „Фискалната консолидација односно намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно и за стабилизирање на јавниот долг, затоа што еден од клучните фактори и параметри кој што ја движи патеката на јавниот долг е токму буџетскиот дедфицит“, вели Анита Ангеловска Бежоска гувернерка на Народната Банка.

Народната банка не ја промени проекцијата за инфлација од 3,5% годинава, по минатогодишните 9,4%. Цените на храната и енергијата на светските берзи полека се намалуваат, но цените нам металите остануваат повисоки од предпандемиските нивоа, што ќе биде значајно за македонската металопреработувачка индустрија. На среден рок се очекува стабилизирање на инфлацијата до нивото од 2%, но главните ризици доаѓаат од цените на основните производи поради геополитичките услови, климатските промени и домашните политики. Народната банка веќе почна да ја олабавува монетарната политика и два пати ја намали основната камата.

Народната банка предвидува македонската економија следната година да расте со стапка од 3,3%, а инфлацијата да достигне 2,5%. Очекувањата се дека странските инвестиции и приватните трансфери од странство да останат на исто ниво. Девизните резерви треба и натаму да растат од сегашното ниво од 4,9 милијарди евра. Кредитирањето до крајот на годинава ќе расте со стапка од 7,5%, а депозитите ќе се зголемат за 7,9%.
Во извештајот на НБРМ стој дека банкарскиот сектор е стабилен, но ги предупредија банките да го почитуваат Законот за платежни услуги. Дел од нив уште наплаќале за затворање на сметка, па поради тоа биле санкционирани.





