Вистински пекарски бурек, превкусен, со фина крцкава коричка …



Потребно е за тесто :

-800 гр брашно
-600 мл вода
-2 лажичиња сол
-околу 200 гр свинска маст

за филот со месо:
-400-500 гр мелено месо
-200-300 гр кромид, ситно сецкан
-сол по вкус
Подготовка:
Во еден подлабок сад во кој ќе месите ставете ги брашното и солта. Сипете половина од водата и почнете да месите. Додека месите постепено додавајте ја водата. Внимавајте ако тестото е меко тогаш нема потреба да ја додадете целата вода. Месете 10-тина минути. Треба да добиете средно меко тесто кое ќе се одвојува од ѕидовите на садот.

Тестото поделате го на 4 дела. Секое парче треба да тежи отприлка 300 гр. ставете ги на намастена работна површина и оставете ги да стојат 30-40 минути.

За тоа време подгответе го филот. Кромидот пропржете го на масло и кога ќе стане стаклест додадете го и месото, и сол и бибер. Пржете додека месото не добие убава боја. Оставете го да се излади.

Сега преминете на подготовка на корите. Убаво намастете ја работната површина (со маст) на која ќе ги развлекувате корите. Земете едно парче и ставете го на средината на работната површина.

Намастете ги рацете и полека, нежно почнете да го развлекувате тестото во круг од внатре кон надвор. Средината на тестото не ја развлекувајте, оставете ја да биде подебела.
Кога доволно ќе го истенчите, ставете ги рацете под кората и повторно развлекувајте го од средината кон надвор во круг. Развлекувајте го се додека можете. Ако ви пукне на некои места, не се грижете тоа и така на крај нема да се примети.

На развлечената кора полека искинете ги подебелите краеви и тоа тесто фрлете го.

Внимателно преклопете ја кората во форма на квадрат, со димензии отприлика 15х15 см и тргнет ја на страна.

Повторно намастете ја работната површина. Земете го вториот дел од тестото и повторете ја истата постапка до преклопување на кората. На развлечената кора нанесете половина од филот со месо (расфрлајте го по целата кора). Префрлете ја првата преклопена кора на средината на втората кора и преклопете ги во форма на квадрат. Добиената кора тргнете ја на страна.
Постапката повторете ја и со третата кора како со втората. На крај, на кората нанесете го остатокот од месото и повторно ставете ја кората на страна на средината на оваа кора. Преклопете и тргнете ја на страна.
Четвртиот дел ставете го на намастената површина и исто развлечете го. Кората на страна ставете ја на средината на развлечената кора и исто преклопете. Бурекот е спремен за во тава.

Тавата намастете ја убаво со свинската маст. Префрлете го тестото но така што делот што е доле сега да го превртите и да биде горе. Попрскајте со малку маст.

Ставете го бурекот да се пече во загреана рерна на 200 целзиусови степени околу 35 минути, односно додека не добие убава румена боја.