„Оваа Влада ја води земјата кон нов меѓуетнички судир! Бидејќи, илузорно е да се помисли дека може да трае бесконечно оваа целосна доминација на Македонците над Албанците – 54 проценти наспроти 30 проценти. Охридскиот договор е поништен. На едностран начин. Од сите македонски партии — со помош на Вреди и со премолчената поддршка од меѓународните партнери.“ – со овие опасни и целосно неосновани тврдења кон Владата на Република Македонија, но дури и кон Соединетите Американски Држави и Европската унија, се огласи Лирим Дулови, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Коха“ во своето писание со наслов „Владата го уби Охридскиот договор! Време за нов договор“.
Напаѓајќи ја не само Владата на Македонија, туку и претставниците на САД и ЕУ во Македонија, натаму Дулови наведува: „За помалку од една година Охридскиот договор беше целосно демонтиран. Албанскиот јазик беше нападнат. Правичната застапеност беше отстранета. Секоја трага од еднаквост што макотрпно се градеше 23 години, тука и таму, со многу жртви, се урна. Сето ова се случува во целосна тишина од меѓународната заедница. ЕУ и САД го гледаат тоа. Тие знаат. Но, тие не реагираат. Тие дури и не се загрижени за дискриминаторските политики на Владата кон албанските деца.“
„Време е за нов договор, за нов формат на политички соживот меѓу двата народа. Време е за нова инклузивна албанска платформа. Времето веќе не чека. Но прво мора да го побара ова Али Ахмети, како лидер на Европскиот фронт. Тој мора јавно да истапи и отворено да ја каже новата реалност: Охридскиот договор е прекршен. Тоа е отповикано. Не од Албанците. Но од другите. Со премолчено одобрение од претставниците на САД и ЕУ во Македонија!“






