Напад врз куќата во која живее познатиот грчки композитор, во близина на Акропол, во Атина, се случил денес кратко по 15:30 часот.
Група анархисти, според весникот „The news“, фрлале бои на влезот на куќата на Теодоракис и испишале заканувачки пораки со спреј на ѕидот на куќата, по што веднаш заминале.
„Вашата приказна почнува во планината и завршува на националната могила на Синтагма“, се вели во една од пораките што се однесува на утрешниот митинг.
Микис Теодоракис треба да биде еден од главните говорници на утрешниот митинг против „Скопје“ на главниот плоштад „Синтагма“ во Атина.
Идентитетот и бројот на сторители сé уште не е познат, пишува „Катимерини“.
За попладнево беше најавен протест на анархисти во Атина во исто време кога екстремно десничарската „Златна зора“ во седиштетото на партијата ќе одбележува годишнина од грчко-турскиот инцидент на островот Имија во 1995-та година.
Полицијата презема мерки да не дојде до судир меѓу двете спротивставени групи.





