Директниот дуел на двата извонредни голмани го реши содржајниот меч на Вардар и Нант (27-23) одигран денеска во арената Јане Сандански во Скопје, а како дел од второто коло во групата А во Лигата на шампионите. Арпад Штербик имаше 12 одбрани, дел од нив беа спектакуларни, а Сирил Думулин остана на само шест, и јасно е дека Европскиот ракометен првак славеше во мечот во кој практично освен на почетокот и постојано водеше. Црвено црните имаа 5-3, 11-8 и14-10 на полувреме. Во тој период блескаше Рожерио Мораеш. Пикерот го заврши дуелот со 6 гола и како најефикасен, а зад него останаа Криштопанс кој постигна пет и Чупиќ и Дибиров кои имаа по четири, а во противничкиот табор Ниокас, Балагер и Гурбиндо запишаа по четири гола. Кире Лазаров играше малку и не постигна погодок.
Францускиот тим се закануваше во вторите 30 минути, најконкретно со 24-23 во самиот финиш, но Вардар имаше доволно сила да се одбрани, пред се тоа, и да го заокружи натпреварот број еден дома во сезоната во која се брани трофејот со победа од 27-23.






