Наместо во март, Заев сега очекува решение за името до јуни

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска од Софија ја крена летвичката за уште два месеца за сопствените очекувања да се најде решение за речиси тридеценискиот проблем што Грција го има со името на Република Македонија.



„Убеден сум дека, за доброто на граѓаните и на Грциоја и на Македонија, тоа прашање треба да биде решено. Јас очекувам тоа да се случи пред средбата на врвот на ЕУ во текот на јуни, кога очекуваме да добиеме датум за почнување преговори и очекувам проблемот дотогаш веќе да биде решен. Тоа не значи дека не можеме да го решиме и во текот на март. Колку порано, толку подобро“, изјави тој.

„Нема да навлегувам во детали во однос на преговорите за името, во секој случај треба да биде избрана позиција што ќе го потврди фактот дека Република Македонија е еден дел од историска Македонија, и тоа северниот, горниот дел на таа историска Македонија. Се надевам дека секој ќе ги разбере достоинството и идентитетот на овие факти и заедно со тоа ќе се зачува достоинството и идентитетот на своите соседи во името на идното партнерство“, додаде Заев.

Тој ја нагласи и заинтересираноста на Македонија за доизградбата на коридорот 8, информирајќи дека веќе се користат средствата од Европска банка за делот од Крива Паланка до бугарската граница и за тоа добиле грант од 70 милиони евра. Владата веќе е во преговори со ЕБРД и за следната транша за поврзувањето на Софија и Скопје со железничка линија до Црно Море.

„Исто така работиме и на отсечката од Кичево до Лин, Албанија, кое во пракса ќе ги поврзе Јадранско со Црно Море“, објасни претседателот на македонската Влада.