Наковска-Бикова во финалето со пиштол од 25 м мешано на ПОИ во Париз како најдобра квалификантка!

Оливера Наковска-Бикова се пласира во финалето во стрелаштво со спортски пиштол од 25 метри мешано на 17. Параолимписки игри во Париз, дисциплина во која се натпреваруваат заедно мажи и жени, а македонската репрезентативка ќе биде единствена претставничка на понежниот пол меѓу осумтемина финалисти!



За вмешувањето во борбата за медалите закажана за 16:30 часот на стрелиштето во Шатору битолчанката се избори со испукани 571 круг по трите серии прецизно и уште толку забрзано стрелање, резултат за вкупно шесто место во конкуренција на 25 учесници во квалификациите, воедно и најдобар меѓу шесте стрелачки!

Ова е второ финале за 49-годишната единствена претставничка на Македонија на ПОИ во Париз по тоа во воздушен пиштол од 10 м, каде што го освои осмото место во дисциплината во која беше шампионка на ПОИ 2012 во Лондон.

Наковска-Бикова ќе настапи и на 50 м со пиштол мешано в среда.