По повод утрешниот празник Богојавление-Водици, над 220 граѓани се пријавиле за ценемонијата за фаќање на крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје.
Осветувањето на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст и оваа година традиционално го организира Скопската православна епархија при МПЦ-ОА.
Како што изјавија за МИА од Скопската православна епархија, литургијата ќе почне утре во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе чиноначалствува владиката Јосиф.
По завршување на литургијата, во 11:30 часот владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде ќе започне „Водосветот“, а потоа ќе се положи крстот во реката Вардар.
Богојавление- Водици го празнуваат православните верници уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.






